Заврши Мешовитиот комитет Македонија-ЕУ во Стразбур
Во Европскиот парламент во Стразбур заврши 20-от Состанок на Мешовитиот парламентарен комитет на Македонија и ЕУ со усвојување заеднички препораки. Откако силно го поздравија задоцнетото одобрување на преговарачката рамка на 18 јули, што го означи почетокот на процесот на пристапни преговори со Северна Македонија европратениците порачаа дека интеграција во ЕУ има значајна трансформативна моќ и треба да ги исполни целите за демократска консолидација, институционален интегритет, долгорочен раст и социо-економска кохезија, со што ќе се спречи негативно влијание од трети страни .
МПК притоа го повторува ставот дека земјата продолжува да го демонстрира најдоброто досие за демократска транзиција во Западниот Балкан, и покрај бројните предизвици; ги поздравува континуираните реформи воколу владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал, вклучувајќи ја агендата „Европа дома“ и Акцискиот план за борба против корупцијата.
Поздравени се напорите направени за обезбедување имплементација на правната рамка за заштита на основните права и правилното функционирање на институциите задолжени за спречување и заштита од дискриминација, во согласност со европските стандарди; ги забележува тековните подобрувања во обезбедувањето на правата на жените и родово-одговорните политики, вклучително и преку спроведувањето на Истанбулската конвенција и последователното усогласување на правната и институционалната рамка, како и работата на различните Меѓупартиски парламентарни групи; со загриженост го забележува порастот на дезинформации, дискриминаторски и говор на омраза против ЛГБТИ+ лицата и бранителите на човековите права во политичкиот дискурс, онлајн медиумите и платформите на социјалните медиуми.
Од друга страна МПК признава дека е постигнат одреден напредок во имплементацијата на стратегијата за реформи во правосудството, вклучително и во однос на понатамошното адресирање на препораките на Венецијанската комисија и групата на високи експерти за системски прашања за владеење на правото; ги повторува своите повици за спроведување на реформата во поглед на институционалната независност, финансирањето, квалитетот, координацијата и транспарентноста на судството.
Пратениците од двата парламенти ја поздравија посветеноста на Северна Македонија да ги спречи сите форми на корупција и да го санкционира коруптивното однесување; го смета, во тој поглед, за охрабрувачки напредокот постигнат во борбата против корупцијата и организираниот криминал, вклучително и на високо ниво; ги охрабрува властите да продолжат со целосна имплементација на препораките на Групата држави против корупција на Советот на Европа (ГРЕКО); ги поздравува напорите за воведување антикорупциско образование во училиштата.
Околу медиумската клима во Северна Македонија, МПК смета дека таа е отворена за критичко известување и како заштитничка кон слободата на изразување и плуралистичките гледишта, притоа потсетува на неопходноста да се ревидира медиумската правна рамка во согласност со правото на ЕУ и да се реформира јавниот радиодифузен сервис, обезбедувајќи негова независност и финансиска одржливост; повикува на континуирана борба против дезинформациите и говорот на омраза во медиумите; ги поздравува напорите направени за зајакнување на медиумската писменост, вклучително и промоцијата на независно истражувачко новинарство и непристрасна проверка на фактите.
МПК ја нагласува најголемата важност, особено во сегашните околности, од ангажирани и координирани дејства за да се придонесе за поотпорен и поефикасен енергетски систем и во поттикнување на одржливиот развој преку диверзификација на изворите на енергија; нагласува дека треба да се постигне понатамошен напредок на полето на животната средина и климатските промени, надвор од ажурираните климатски ветувања и одобрувањето на Зелената агенда, со цел да се промовираат и имплементираат политики за користење на алтернативни извори на производство на енергија; ја нагласува потребата од понатамошни чекори за подобрување на квалитетот на воздухот, заштитата на водите и биодиверзитетот, како и управувањето со регионалниот отпад.
МПК ги охрабрува сите политички актери да ја намалат парламентарната поларизација и ги повикува сите политички сили да се вклучат во мирен дијалог за да работат за иднината на земјата во ЕУ; потсетува дека Собранието треба да остане главен форум на политичка дебата.
МПК повикува за продолжување на дијалогот Жан Моне и имплементација на договорите постигнати за време на третиот круг од Дијалогот одржан на почетокот на 2020 година; особено, повикува на засилена работа на работната група Жан Моне со цел да се договорат измените на Деловникот; понатаму, штом ќе се договорат и усвојат измените на Деловникот, повикува да се организира четвртиот круг од дијалогот Жан Моне.
Во однос на добрососедските односи се поздравуваат состаноците меѓу Северна Македонија и Бугарија, вклучително и оние на експертско ниво, и се нагласува важноста да се решат сите културно-историски дискусии одделно од процесот на пристапување на Северна Македонија. МПК приота го повторува својот став дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка треба да се спроведува доследно и со добра волја од сите страни.