Заврши изградбата на етнокуќа и регионален етнопарк во Зрновци


Локалната самоуправа на Зрновци ја заврши втората фаза од проектот за изградба на етнокуќа и регионален етнопарк, за што се инвестирани околу 3,5 милиони денари.

Најголем дел од средствата ги обезбедија Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, во соработка со Центарот за развој на Источниот плански регион, а финансиски учествуваше и Општина Зрновци со околу десет отсто.

Енокуќата има автентичен селски изглед и во неа ќе бидат изложени домашни алати, облека и стари предмети што се карактеристични за регионот. Во дворот веќе се поставени етноекспонати, односно воловска кола и чеза, изградени се амбар, селска фурна и ѕидан казан за ракија, а ќе бидат изложени и дрвени буриња за вино и ракија и слични предмети.

-Заради комплетирање на експонатите ги повикуваме сите граѓани кои имаат стари предмети што ги користеле нивните предци при секојдневното живеење, а што веќе не им се потребни, да ги донираат. Тоа можат да бидат разни предмети од текстил, дрво, метал, глина, стари фотографии и слично, при што ќе биде назначено од која фамилија потекнуваат. Старите фотографии ќе бидат преработени, ќе се изработи копија, а оригиналите ќе им бидат вратени на сопствениците, истакна градоначалникот на Зрновци, Блаже Станков.

Главна цел на проектот е да се заштити културното и етнолошкото богатство по течението на Зрновска Река, при што во првата фаза пред три години се изградија пешачки патеки и летна сцена, се обезбеди довод на електрична енергија и вода, беше опремено детско игралиште и се комплетираше хортикултурното уредување.

Според најавите од локалната самоуправа, ќе се реализира и трета фаза од проектот со која ќе се изгради пристапна улица и паркинг.