Заврши главниот дел од реконструкцијата на хидроелектраната „Вруток“

Заврши главниот дел од реконструкцијата за санирање на водостанските шахти на хидроелектраната „Вруток“ во рамките на ХЕС „Маврово“ вредна 3 милиони евра, информираат од Електрани на Северна Македонија.

Како што се наведува во соопштението овој зафат се провлекувал како неопходност во АД ЕСМ во последните десет години но сега со овој проект ќе се овозможи драстично намалување на загубите на вода, зголемување на производството, заштита од ерозија на околниот реон, како и заштита на реката Вардар од заматување.

-Преку овој зафат, кој е специфичен и тежок за изведување, се изведе санација која ќе овозможи да не се губат повеќе 11 до 12 милиони м3 вода годишно како досега, или попрецизно како енергија 17 до 18 GWh електрична енергија, кои претставуваат 600 до 700 илјади евра неостварена добивка секоја година, токму поради загубата на вода, велат од ЕСМ.

Додаваат дека проблемот со појавените извори под затворачница-XIX биле особено изразени во март 2010 г., кога биле зголемени од претходните 22 литри во секунда на 62 литри во секунда, за во 2014 да дојдат до 250 литри во секунда и конечно во 2016г. од 350 до 400 литри во секунда.

-Со санацијата на вертикалната шахта од Шарскиот довод која заврши пред две недели, а во 2021г. со санацијата на вертикалните шахти од Јеловски довод, ќе се реши проблемот со загуба на вода што трае од 2010г. и ќе се овозможи поголема стабилност и функционалност на електраната, се наведува во соопштението.

Од ЕСМ потенцираат дека овој проект, покрај стабилност на производството, постигнал и безбедност на системот и на човечките ресурси, како и продолжување на работниот век на електраната.