Заврши есенската потрошувачка кошница, сега ќе ја чекаме новогодишната, но што до тогаш
Граѓаните стравуваат што на што ќе наидат во маркетите, додека власта смирува и предупредува дека ќе има ригорозни мерки доколку дојде до дивеење на цените
Од денеска во маркетите веќе нема да ги има ознаките за ограничени бруто маржи кои овозможија цените на над 70 основни прехранбени производи во изминатиот период да бидат под контрола. Граѓаните стравуваат што на што ќе наидат во маркетите, додека власта смирува и предупредува дека ќе има ригорозни мерки доколку дојде до дивеење на цените. Веќе е во најава новогодишна кошнца, која треба да опфати производи кои се најкористени во текот на новогодишните и божиќните празници, но прашање е што ќе се случува до тогаш. Од страна на надлежните исто така, големи надежи се полагаат и во Законот за спречување нефер трговски практики кој веќе е во сила, но за сега учесниците на пазарот се под опсервација, додека казни за евентуални прекршувања се најавуваат по Нова година.
Според заменик министерот за екон0омија МарјанРистески, мерката била одлична, иако како што посочува имало трговци што сакале да ја изиграат, но Државниот пазарен инспекторат си ја завршил работата и во одредени моменти настапил со казни, кои не биле мали.
Тој очекува дека ДПИ во иднина ќе има многу поголема контрола и ќе прави контролни мерки и надзори во сите трговски места каде што се продаваат прехранбени производи за да може да се регулираат цените со цел заштита на стандардот на граѓаните. Во ТВ гостување тој откри дека ДПИ има нови директор, што подоцна беше потврдено и од страна на владините служби. Сега на чело на инспекторатот е Влатко Стојкоски кој доажа на местото на Горан Трајковски кој е разрешен поради промените на кадрите на новата власт.
Тој вели дека во изминатиот период на 43 прехранбени производи што влегуваат во вкупната синдикалната кошничка, имало намалување од 965 денари. Синдикалната кошничка, појасни, има вкупно 43 прехранбени производи што влегле по автоматизам во есенската кошничка, но во есенската имало 73.
„Ако земеме 960 денари, приближно 1.000 денари, од синдикалната наспроти есенската кошничка, просекот би бил од 1.200 до 1.500 денари. Можеби, луѓето очекуваа драстично намалување, но нашата цел беше стабилизирање на цените, инаку ќе беа многу повисоки“, изјави Ристески признавајќи дека сепак, кај одредени производи намалувањето било од два до три денари, но кај некои намалувањето било и до 30 проценти.
Ристески вели дека новогодишната потрошувачка кошничка ќе има поинакви иновативни мерки со кои првпат граѓаните ќе почувствуваат одредено намалување на одредени производи што најмногу се трошат во зимскиот период.
Одлуката за есенската кошница Владата ја донесе во втората половина на септември, а со неа беа опфатени 73 основни прехранбени производи на кои бруто профитната маржа им беше ограничена на 10 проценти во трговијата на големо и мало.
Министерот за економија Бесар Дурмиши во изјава за медиумите дадена на 25 октомври оцени дека мерката дала резултати затоа што цените на одредени производи се намалиле од пет до десет проценти. Тој верува дека трговците нема да ги зголемат цените затоа што од крајот на септември во сила е и Законот за нефер трговски практики со кој над 2.500 производи имаат ограничена маржа од 10 проценти.
„Ако имаме драстично зголемување на цените наредниот месец, ќе донесеме поригорозни мерки … изјави Дурмиши.
Од Сојузот на синдикати на Македонија каде ја изработуваат синдикалната потрошувачка кошница со показатели колкави се минималните трошоци на едно четиричлено семејство велат дека мерката на Владата не ги дала посакуваните резултати затоа што трговците ја изиграле.
„Значајно е да се нагласи дека мерката на Владата за ограничување на висината на маржите даде дел од посакуваниот резултат, но, поради алчноста за профит кај трговците што државата мора да го заузда, тие, кога разбраа за намерата на Владата за оваа мерка ги зголемија цените на сите производи, а ова го потврдуваме и со растот на вредноста на делот за храна и пијалоци во Синдикалната минимална кошница за повеќе од 717 денари за минатиот месец септември, а во истата во делот на храна и пијалоци во месец октомври 2024 година која изнесува 22.069,00 денари споредено со месец септември 2024 година ( 23.034,00 денари) е намалана за 965,00 денари, истакнаа од ССМ при објавата на синдикалната кошница за октомври.
Од ССМ остануваат на ставот дека при креирање на мерките, Владата треба да го вклучи и синдикатот, а потребни се и поголеми контроли и казни за несовесните трговци.
Податоците на ССМ покажуваат дека на едно четиричлено семејство во октомври му биле потребни минимум 61.249,00 денари за подмирување на основните потреби. Овој износ се зголемува доколку семејствата плаќаат и кирија за стан. Најголем дел од месечните потреби или 22.069,00 денари биле потребни само за храна и пијалоци.
ССМ бара и зголемување на минималната плата на 450 евра, но засега ова прашање останува отворено.
Инаку, Законот за нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи дополнително треба да ги намали цените на производите. Со него се опфатени околу 2.500 производи на кои профитната маржа им е ограничена до 10 отсто.
Со Законот, покрај ограничен рабат, трговците не смеат да наплаќаат дополнителни трошоци за маркетинг, репрезентација, како и за истакнување одреден производ на полица.
За контролирање на учесниците на пазарот е надлежна Комисијата за заштита на конкуренцијата, која може да поведе прекршочна постапка доколку се прекрши која било одредба од Законот. Највисокиот износ на казна за најтежок прекршок може да изнесува до 20.000 евра за голем трговец и од 350 до 500 евра за одговорното лице во правното лице кој е голем трговец. Казните за полесни прекршоци зависат од тоа дали прекршокот го сторило правно или физичко лице. Највисокиот износ на казната за полесен прекршок што може да се изрече во постапка е 5.000 до 6.000 евра за голем трговец и 350 до 500 евра за одговорното лице во правното лице кој е голем трговец.
Сепак, од Владат рекоа дека за сега нема да казнуваат туку дека до Нова година ќе надгледуваат како се спроведува Законот, а казнувањето ќе следи потоа.