Заврши е-аукција за дел од поранешните хотели „Кристал“, „Куманово“ и „Ку-ба“ сопственост на АД „Бисерка“ во стечај


Успешно заврши е-аукцијата за продажба на делови од хотелите „Куманово“, „Кристал“ и „Ку-ба“, сопственост на АД „Бисерка“ во стечај, информираше за МИА стечајниот управник Ацо Петров.

Тој рече дека процесот на продажба ќе се смета за успешен само доколку се прифати одлуката од собрани на доверителите и доколку се уплати сумата.

– Денеска имаме спроведено само електронска аукција за дел од имот на „Бисерка“ АД во стечај и за делови од објектите. Останатиот дел од овие објекти сè уште не е завршена постапката ниту по една деценија од правосилната судска пресуда со која имотот е вратен од претходен сопственик на АД „Бисерка“ не е спроведена пресудата во Катастар и од тие причини се продава само овој дел од имотот. По а-аукцијата, понудите одат на одобрување на собрание на доверители, и доколку се донесе одлука да бидат прифатени, судот треба да донесе решение и потоа по плаќањето на прифатената понуда доколку бидат прифатени, тогаш може да сметаме дека продажбата е успешно завршена, вели Петров.

Понудата за дел од хотел „Куманово“ е 20.500.000 денари, за дел од хотел „Кристал“ е 46.500.000 денари и за дел од хотел „Ку-ба“ е 2, 6 милиони денари.

Некогашните репрезентативни објекти, по транзицијата се сврталишта на бездомници и руинирани објекти, често се мета на вандалски однесувања. Неколку пати беа опожарувани, особено хотелот „Кристал“. Хотелот „Куманово“ беше дел и од проектот „Знаење, заштита и вреднување на старите јадра“, бидејќи е еден од најрепрезентативните објекти во градот.

Во поранешните хотели „Кристал“ и во „Ку-ба“ и двете сопственост на АД „Бисерка“ претходно беа сместени внатрешно раселените лица од липковскиот регион од конфликтот во 2001 година.

Од Секторот за урбанизам од општина Куманово укажуваат дека овие објекти мора да останат хотели согласно генерален урбанистички план.