Заврши дебатата за законот за јавно обвинителство, ќе се гласа дополнително

По целодневна жестока дебата вечерва во Собранието заврши дискусијата за Предлог-законот за јавно обвинителство. Претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата даде пауза од еден час за да може координаторите на пратеничките групи да се договорат кога ќе биде гласањето за Предлог-законот за јавно обвинителство.

Се уште е неизвесно кога ќе се загласа за Предлог-законот за јавно обвинителство. За негово изгласување се неопходни најмалку 80 пратенички гласови, односно двотретинско мнозинство од парламентарниот состав.

Сепак, за законот за јавно обвинителство ќе мора да се гласа најдоцна до недела до полноќ, кога според претседателот на Собранието е последниот рок за распуштање на парламентот, во пресрет на предвремeните парламентарни избори.

Дебатата, во поголемиот дел од денот,  ја обележаа жестоките конфронтации меѓу независната пратеничка група наспроти нивните поранешни колеги од ВМРО-ДПМНЕ.

Кој е виновен за настаните на 27 април, кој ги насочувал насилниците тој ден, кој го упропастува ВМРО-ДПМНЕ и кој работи по налог на Сашо Мијалков, беа само дел од темите на кои се конфронтираа пратениците од независната пратеничка група со колегите од ВМРО-ДПМНЕ.

Како што и се очекуваше, пратениците од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ ги судрија ставовите околу тоа кој се залага за владеење на правото и правна држава, а кој сака да го заштити криминалот.

По паузата вечерва од 22 часот пратениците ќе почнат со работа на новата седница на која ќе дискутираат за предлогот за разрешување на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ, како и за измените во Изборниот законик. (Н.В.)