Заврши „Д-фестивал“: Околу 30 илјади посетители за три дена во Дојран


Деветтото издание на единствениот летен музички фестивал во земјава, кој се одржува во Дојран, „Д-фестивал“, заврши завчера. Во повеќе од три дена, почнувајќи од петокот па сè завчера, до осум часот наутро низ фестивалските порти поминаа околу 30.000 посетители кои пристигнаа од 15 земји. Со оваа бројка организаторите од „Пасворд продакшн“ информираат дека фестивалот го достигнал новиот рекорд и е најуспешното издание досега.


„Дека ова е најмасовната едиција на ‘Д-фестивал’, беше навестено уште на т.н. нулти ден, односно во четвртокот кога традиционално се отвора фестивалскиот камп, а кој годинава заблеска во полн сјај и капацитет и пред официјалниот старт на програмата. Огромниот интерес што го предизвика ‘Д-фестивал’ резултираше и со исполнетост на целосниот капацитет на сите бини и зони на фестивалот кои, пак, ја донесоа и најобемната програма досега, со шест музички бини и над 20 фестивалски зони, за програма која се одвиваше буквално без престан во изминатите три дена“, соопштуваат од „Пасворд продакшн“.


Само во музичката програма, „Д-фестивал“ беше домаќин на повеќе од 50 музички ѕвезди, но и на двојно повеќе уметници кои пристигнаа со повеќе од 20 здруженија во „Плошт арт“ зоната во срцето на фестивалскиот камп.


„Имајќи го тоа предвид, годинава е невозможно да се издвои кој било дел од програмата како најпосетен или најатрактивен бидејќи буквално секој дел од фестивалот беше постојано исполнет до својот максимум, со најпозитивна атмосфера и восхитувачки настапи. Единствено можеме да го издвоиме целокупното доживување како фантастична тридневна авантура која во славењето на фестивалскиот дух, на уникатен начин ги спојува музичките перформанси, уметностите и креативните индустрии во несекојдневна сплотеност со секој посетител“, велат од „Пасворд продакшн“.