Заврши амандманската расправа за ребалансот на Буџетот

Амандманската расправа за ребалансот на Буџетот заврши доцна синоќа, соопшти денеска заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, порачувајќи дека ликвидноста на Буџетот е добра и ќе бидат исплатени сите обврски кон буџетските корисници.

Одговарајќи на новинарски прашања по денешното положување на цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк, Ковачевски истакна дека мерките кои се имплементирани во ребалансот на Буџетот се во насока на одржување на стандардот на граѓаните и на стопанството.

– Вчера до доцна во ноќта, Комисијата за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија ја завршија амандманската расправа во однос на ребалансот на буџетот. Мерките што Владата ги предложи, а кои се имплементирани во вториот ребаланс на Буџетот на 2020 година, се во насока на одржување на стандардот на населението во светло на економската криза што ја имаме во Европа и во целиот свет, а вклучително и во нашата држава, изјави Ковачевски.

Во однос на проекциите на Светска банка за македонската економија, Ковачевски рече дека со нив само се потврдени предвидувањата на Владата и на другите меѓународни финансиски организации за негативните стапки на раст предизвикани од кризата.

– Во светло на тие проекции се креирани мерките и граѓаните и компаниите не треба да се грижат, порача Ковачевски.

Смета дека мерките што ги носи Владата како поддршка за граѓаните и за стопанството не се задоцнети, но, како што рече, остануваат отворени за разговори со сите засегнати страни. Најави дека и во иднина сите мерки ќе се креираат низ дијалог.

– Во Владата секојдневно сме на располагање и во текот на трите месеци кои се пред нас до крајот на годината, но и во 2021 година која исто така ќе биде година што ќе почне погодена со вирусот. Постојано ќе работиме со нив и ќе ги адаптираме мерките онака како што најдобро можат да и помогнат на секоја индустрија поединечно, рече Ковачевски.