Завршени расправите по предлог-законите за платежни услуги и платни системи и за спречување перење пари и финансирање тероризам
Во Собранието денеска во рамки на 66-та собраниска седница беа завршени расправите за Предлог-законот за платежни услуги и платни системи, за кој дополнително ќе се гласа, како и за Предлог-законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, што преминува на второ читање.
Во однос на Предлог-законот за платежни услуги и платни системи, претениците од ВМРО-ДПМНЕ упатија критики бидејќи се носи по скратена постапка и оти не бил прифатен ниту еден амандман што бил поднесен од нивна страна. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ нагласија дека со овој предлог-закон „Владата ќе направи упад во сите банкарски тајни“.
Во рамки на двете расправи за предлог законите претениците од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија позицијата дека постојано ја злоупотребува Комисијата за европски прашања.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, при обраќањето за Предлог-законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам нагласи дека не може сите закони, од различни области да се даваат на Комисијата за европски прашања, бидејќи таа Комисија не е составена од експерти од сите области.
– Во последниот Извештај на Европската Комисија убаво пишува дека треба да се стави крај на носење на закони во скратена постапка и дека треба да се посветиме на имплементација на донесените закони, но ниту едно ова не се почитува. Овој закон е испратен или ќе оди во погрешка комисија. Под итно треба да ставиме крај на злоупотребата на Комисијата за европски прашање како сенадлежна комисија и како матично тело. Не седат во таа комисија мудреци кои знаат се, потенцираше Силјановска Дафкова.
Претходно, во Собранието заврши расправата по Предлог-законот за финансиска стабилност во прво читање, а гласањето ќе се одржи на една од наредните седници.
Говорејќи за Предлог-законот, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски рече дека тој е еден редок пример кој навистина треба да биде со европско знаменце и усогласен со европска регулатива.
– ВМРО-ДПМНЕ ја предлагаше оваа регулатива пред две години и доколу тогаш беше донесена, сега финансиската дисциплина и политика, ќе беше на многу повисоко ниво од тоа што е сега. Овој закон прво мора да се почитува, затоа што, пред сè предвидува фискална политика и фискален совет, којшто треба да ја уредува фискалната и економската политика во целата држава, истакна Стојановски.
Тој рече дека СДСМ и ДУИ како Влада се финансиски недисциплинирани и водат политика на економско фијаско и ја задолжуваат државата за непродуктивни трошоци, без фискални правила кои го уредуваат нивото на јавниот долг.
– Овој закон треба да биде рамка на функционирање. Но, она што ме загрижува е тоа што се носат закони кои Владата потоа не ги почитува, вели Стојановски, кој се сомнева дека и овој закон нема да се почитува.
– Никој не сака да се справи со катастрофалната финансиска состојба во државата. Со законот се предвидува формирање на Финансиски комитет, а со Буџетот е предвиден Фискален совет и двете тела имаат речиси исти надлежност, забележа Стојановски, кој рече дека е доста од формирање тела кои само ќе заседаваат, членовите ќе земаат финансиски надоместоци и ќе носат заклучоци кои потоа никој нема да ги почитува.
Пратеничката од СДСМ, Жаклина Лазаревска, реплицирајќи му на Стојановски, рече дека на опозицијата „и паднала секирата в мед“ оти Владата треба да се справува со кризи предизвикани од пандемијата и од енергетската криза, а сега и со последиците од војната во Украина.
– Кога вие заминавте од власт, ја оставивте државата во никаква економска состојба. И сега кога ние треба да поминуваме низ кризи кои го зафатија светот, вие продавате лажна загриженост за трошењето на народните пари. Ние сè уште отплаќаме големи долгови, кои вие ги оставивте. Пет милијарди беше јавниот долг во 2017 година. Отплаќаме долгови за проекти какви што ги правевте, како „Скопје 2014“, рече Лазаревска.