Завршeна целосната реконструкција на детската градинка „Пчелка 2“ во населба Лисиче


Со реновирање на внатрешноста на објектот, Општина Аеродром ја заврши втората фаза од проектот за реконструкција на објектот на клонот „Пчелка 2“ во населбата Лисиче, што е дел од детската градинка „Буба Мара“.

Од Општина Аеродром соопштија дека инвестицијата опфатила промена на подот, бојадисување на ѕидовите, промена на осветлувањето и комплетна реконструкција на останатите делови од внатрешноста.

Градоначалникот Муцунски кој денеска ја посетил детската градинка истакнал дека реконструкцијата на овој, но и други објекти за социјална заштита, се потврда за одговорниот однос кон јавните средства и грижа за дечињата во Аеродром. Тој нагласил дека унапредувањето на условите со ваков тип инвестиции ќе продолжи и во текот на целата година.

– Во првата фаза беше реконструиран надворешниот дел од објектот, а со целосното завршување на реконструкцијата, овозможивме енергетска ефикасност на објектот и подобри услови за дечињата кои се згрижени тука. Проектот се реализираше со средства од буџетот на Општина Аеродром, се наведува во соопштението.