Завршен новиот паркинг на Клиничкиот центар, направени се неколку нови улици и влезови во кампусот


Во Клиничкиот центар е завршен новиот паркинг што се наоѓа на местото на поранешната Клиника за гинекологија, направен е посебен влез за возила на итната медицинска помош до Ургентниот центар на хирургија, направени се повеќе нови улици кои ги спојуваат веќе постојните, се работи на уште неколку нови влезови во Клиниката, а, како што најави министерот за здравство Венко Филипче, ќе се прави и уште еден паркинг кај Инфективната клиника.

Министерот и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов денеска извршија увид во градешните работи во Клиничкиот центар, истакнувајќи дека станува збор за важни инфраструктурни потфати кои ќе го олеснат движењето во Клиниката.

– По повеќе од 50 години имаме сега посебен влез за возила на итната медицинска помош до ургентниот центар на хирургија, понатаму нов паркинг до зградата на Гинеколошката клиника на местото каде што беше старата гинеколошка клиника, повеќе нови улички кои што ги спојуваат веќе постојните улици, што очекуваме да се растерети хаосот којшто беше тука, истовремено да се растерети и хаосот на улицата „Водњанска“, што мислам дека е една значајна придобивка од целата оваа работа.  Дополнително на сето ова, многу е полесно движењето на пацинетите низ кампусот, полесно движење на интерклиничкото возило и посебни патеки за движење на пациентите коишто се движат со колички, било да се тоа седечки или лежечки. Дополнително се работи уште на неколку влезови и излези, а ќе се прави уште еден паркинг кај Инфективната клиника околу мобилната болница, наведе Филипче.

Тој оцени дека со инфраструктурниот зафат целосно ќе ја смени сликата и ќе се олесни функционирањето на Клиничкиот центар.