Завршен е кружниот тек кај Момин Поток


Клучката кај Момин поток и кружниот тек кај Скупи како една од главните рути што ги поврзуваат северниот и јужниот дел од градот е огромен проект кој според својата комплексност е еден од најсложените сообраќајни проекти во Град Скопје.
 
– Со цел да се намали сообраќајниот метеж на овој потег завршен е кружниот тек кој ја замени крстосницата кај булеварот „8 Септември“ и улицата „Скупи“, а во тек е изградбата на 2 моста на реката Серава и на вториот кружен тек, кој треба да ја замени крстосницата на булеварот Никола Карев и патот кон Визбегово. Оваа сообраќајница е една од клучните градски сообраќајници бидејќи дневно низ неа транзитираат над 25.000 возила – напиша градоначалничката Данела Арсовска на својот Фејсбук профил.
 

Таа постираше и видео на кои се гледа функционалниот кружен тек. 

Инаку, изградбата на кружните сообраќајни решенија кај зоната Момин Поток во Општина Карпош почна во јули 2021 година. Предвидуваше два кружни тека – првиот треба да ја замени крстосницата кај булеварот „8 Септември“ и улицата „Скупи“ (овој кој Арсовска соопшти дека е завршен) и вториот да ја замени крстосницата на булеварот „Никола Карев“ и патот кон Визбегово, обиколницата и косовската граница.

Фото: Б. Грданоски

Со години овој потег е постојано со градежна механизација, па граѓаните редовно заглавуваа во метеж.