„Заубермахер“ почна да го чисти Тетово – погледнете како изгледа тоа!


Општина Тетово склучи договор со австриската компанија „Заубермахер“ за управување со отпад, а денеска на плоштадот „Илирија“ во Тетово градоначалникот Билал Касами и Ханс Рот од австриската комапниај ја презентираа механизацијата со која се чисти овој македонски град.  

„На територијата на нашата општина има потреба од создавање основна инфраструктура за собирање, селекција, третман и преработка, како и депонирање на отпадот. Беше многу неопходно да се зајакнат обврските на сите актери во управувањето со отпадот, како и примената на принципите за рециклирање на отпадот со цел заштита на животната средина. Токму во насока на најефикасно и најфункционално управување со отпадот, општина Тетово склучи договор за јавно приватно партнерство со австриската компанија „Заубермахер““, рече Касами.

Тој  верува дека ова партнерство и сеопфатен професионален план, ќе бидат успешни кон модернизирање на начинот на третирање на отпадот, ќе се обезбеди вистинската услуга за секој граѓанин и ќе се намали количината на депониран отпад, а тоа што ќе се фрли нема да има негативни влијанија врз животната средина. 

– Денеска ви претставуваме дел од модерната опрема за собирање отпад заедно со упатства за граѓаните, кои значително ќе влијаат на подобрување на чистотата на нашиот град. Нашата визија заедно со компанијата е да обезбедиме чист и развиен град за сите. Затоа, потребна е сечија соработка бидејќи само така можеме да дојдеме до заедничката цел што ја сакаме, а тоа значи модерно и ефикасно управување со отпадот. Заедно, полека чекориме по патот за кој веќе работиме изминатите 2 години – додаде Касами.

На Фејсбук страницата на Општина Тетово, деновиве беа поставени видеа и фотографии од тоа како се чисти градот.