Затворот за Кочан станува неизвесен


Дојде денот, 17 јули, кој беше одреден за датум кога осудениот бизнисмен Сеад Кочан требаше да почне со издржување на казната затвор, но не замина во „Идризово“ за да ја издржува казната од четири години и осум месеци. Судијата за извршување на санкции се уште ја разгледува медицинската документација што ја доставил бизнисменот, со којашто треба да се оправда дека е болен за да му биде прифатено барањето за одложување на затворската казна.

Откако ќе ја разгледа документацијата, судијата за извршување на санкции во најкус можен рок треба да донесе одлука, но сепак неговото одлучување, го одложува издржувањето на затворската казна.

„По барањето за одлагање на почетокот на извршувањето на казната затвор решава судијата за извршување на санкциите, кој е должен да донесе решение во најкус можен рок по приемот на барањето. Пред донесувањето на решението судијата може да ги провери околностите наведени во барањето. До донесувањето на решението по барањето се одлага почетокот на извршувањето на казната“, се вели во Законот за извршување на санкции.

Против решението на судијата, Кочан има право на жалба и до кривичниот совет на надлежниот суд во рок од три дена од денот на приемот на првостепеното решение. И оваа жалба го одлага извршувањето на казната.

Откако затворот го избегнаа и поранешниот премиер, Никола Груевски и поранешната министерка, Гордана Јанкулоска, оваа казна останува неизвесна и за Кочан.

Тој поднесе барање до Врховниот суд за вонредно преиспитување на пресудата, но од судот соопштија дека пресудата за него не може да биде испратена до највисокиот суд додека не му бидат конфискувани парите.

Едната варијанта според која Кочан може да го избегне затворот е да му биде одложена казната за доволно долго време, парите ќе му ги конфискуваат, а Врховен ќе го запре извршувањето на казната додека не ја преиспита пресудата.

На Кочан ова му е второ разболување пред да оди в затвор. Кога требаше да оди во притвор пред две години, Кочан избега од земјава, со образложение дека бил на службен пат. И додека полицијата го бараше со потерница, тој се врати во земјава, но беше примен во болница како итен случај.

Сепак, Кочан се врати во земјава на безбедно откако Врховниот суд донесе одлука да му го укине притворот. За оваа одлука Судскиот совет со години води постапка за разрешување на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски и уште двајца судии.

Кочан и Василије Авировиќ во јули минатата година беа прогласени за виновни во судскиот процес „Труст“, за злоупотреба на јавна набавка. Судскиот процес траеше точно осум месеци и имаше повеќе од 20 рочишта. Кочан и Авировиќ, односно „Трансмет“ и „Силекс неметали“, според СЈО со лажни документи добиле тендер од ЕЛЕМ вреден 17,3 милиони евра. Апелацискиот суд им ги намали затворските казни на осудените, на Кочан му ја намали од шест на четири години и осум месеци, а Василије, кој е син на пратеничката Владанка Авировиќ, доби условна казна. Неговата мајка во Собранието гласаше за уставните измени за имплементирање на договорот со Преспа со кој се промени името на земјава.(Ф.Ф.С.)