Затворените трговски профункционираа – се почитуваат заштитните мерки (галерија)

Фото: Б. Грданоски

Дел од трговските центри од затворен тип во земјава почнаа со работа, а дел отвораат утре.

Нашиот фотограф Борис Грданоски го посети трговскиот „Рамстор“ во центарот на Скопје, каде ги забележа протоколите за спречување на ширењето на корона вирусот на дело.

Бројот на посетители е помал од претходно, а се почитуваат и препорачаните мерки за заштита од корона вирусот.

Уште пред влезот во трговскиот обезбедувањето ги потсетува потрошувачите да стават заштитна маска.

Фото: Б. Грданоски – обезбедувањето ги потсетува потрошувачите на мерките за безбедност

Сите продавници се отворени, освен делот на рестораните, каде се служеше храна, кои и понатаму се затворени според препораките на Владата.

Фото: Б. Грданоски – делот за храна е затворен

Одлуката за отворањето на трговските центри од затворен тип беше донесена на владина седница на 12 мај, а вчера беа објавени и протоколите за работа. „Веро џамбо“ и „Рамстор“ најавија дека ќе отворат од денеска, а „Скопје сити мол“ и „Капитол“ од петок. Сите трговски центри ќе работат до 18 часот, затоа што полицискиот час почнува во 19 часот, а вработените и посетителите треба да стигнат дома.

Фото: Борис Грданоски – Рамстор и Веро Џамбо отворија први

Во објавениот протокол за работа на трговските центри во однос на бројот на посетители се предвидува дека не смее да има групирање по ходници и треба да се регулира нивниот број – по едно лице на пет квадратни метри. Внатре во продавниците, пак, бројот на купувачи треба да биде така што би имало по едно лице на 8-10 квадратни метри.

Редарите ќе мора да го регулираат бројот на купувачи, а задолжително пред секоја продавница треба да има средства за дезинфекција на рацете.

Фото: Б. Грданоски – средство за дезинфекција

Забрането е пробување облека во бутиците, но се дозволува таа да се проба дома, па ако треба замена, купувачот дополнително ќе ја замени.

Фото: Б. Грданоски – информативни табли

Како што предвидува протоколот, на секои триесет минути на разглас се потсетуваат посетителите дека треба да ги почитуваат мерките, а информативни пунктови за одржување хигиена се поставени на видни места, по влезот во трговскиот и пред елеваторите.

Фото: Б. Грданоски – задолжителни маски и ракавици за вработените

Заштитните маски се задолжителни и за вработените и за купувачите, а за вработените задолжително е и носењето на ракавици.

Треба да се одржува препорачаното физичко растојание од 1,5 до 2 метри.

Фото: Б. Грданоски – ред на каса

На касите каде не може да се обезбеди растојание од 1,5-2 м помеѓу касиерот и купувачот се поставени плексиглас бариери.

При наплата, онаму каде има повеќе каси, се обезбедува дистанца меѓу купувачите од 2 метри.

Зачестено е одржување на хигиената на тоалетите со задолжително водење евиденција за спроведеното чистење и употреба на дезинфекциски средства. Подовите во ходниците и во продавниците се пребришуваат со средство за дезинфекција на секој час.

Во продолжение погледнете ја фото-галеријата на Б. Грданоски: