Затворените продавници во недела Италија би ја чинеле 10 милијарди евра


Владата на Италија не се откажува од предизборното ветување дека ќе им забрани на трговците да работат во недела, иако тоа ќе ја чини речиси 10 милијарди евра.
Како што наведува Блумберг, откако популистичкото „Движење 5 ѕвезди“ и десничарската „Лига“ пред една година потпишаа договор за коалиција, една работа што ги поврзува е што им пречат отворените продавници во недела.
Минатиот месец италијанскиот парламент започна расправа за законот којшто “ќе ги врати викендите на семејствата”. „Движење 5 ѕвезди“ предлага продавниците да бидат затворени 45 дена годишно, додека „Лига“ се залага за поблага верзија која дозволува работа во пресрет на Божик и други празници.
Двете партии тврдат дека законот ќе ја зајакне долгогодишната традиција на неделен семеен ручек, одење на маса и одмор за работниците во продавниците. “Градските центри се празни, бидејќи семејствата го минуваат денот за одмор во молови”, рече претставникот на „Лига“ Андреа Дара.
Влијанието на мерката врз економијата нема да биде занемарливо, сметаат економистите од Институтот Карло Катанео во Болоња. Нивните пресметки покажуваат дека предлогот ќе го намали БДП на Италија за 0,5 проценти или 9,4 милијарди евра. Покрај тоа, бројот на вработени ќе биде намален за 150.000 лица. Сето ова ќе ги намали даночните приходи за две милијарди евра. Тоа несомнено би ги поткопало владините проекции, што Европската комисија едвај ги толерира, по одлуката на Рим да го зголеми буџетскиот дефицит за да ја зајакне економијата. Против предлогот истапи и Здружението за заштита на потрошувачите.
Освен во Германија, каде поголемиот дел од продавниците се затворени во недела, во повеќето европски земји тие работат. Во последниве години забраната е воведена во Унгарија и Полска.