Затворениот круг на Елена, најдраматичниот случај од трговијата со деца
Таму каде што заврши процедурата, продолжи голготата на малолетната Елена, двојна жртва на трговија со луѓе и можеби најтешкиот случај за кој системот не успева да понуди адекватно сместување
Сунчица Стојановска
„Ова е мој дом. Јас за друг дом не знам“ – рекла кога повторно завршила во Центарот за жртви од трговија со луѓе – место кое служи за привремена заштита и никако не треба да биде дом на малолетно девојче како долгорочна опција.
Но, за Елена (името е смислено за да се сокрие идентитетот на жртвата) овој Центар е единственото место каде може да биде, откако ги поминала сите можности за сместување што ги нуди државата и ниту една не била успешна. Сега системот нема решение за во моментов најтешкиот и најдраматичниот случај што го имаме кај нас – дете кое двапати било жртва на трговија со луѓе, кое со својот исказ пред обвинителството ги испрати трговците во затвор со едни од највисоките казни за ова дело и дете кое не може да се врати кај родителите – а поради возраста и ранливоста не е подготвена за самостоен живот.
Од кога памти за себе, Елена знае само за живот на улица – на 5 години родителите ја користеле за да питачи. Откако биле правосилно осудени за нејзиното запуштање, им било одземено родителското право, а таа завршила во згрижувачки семејства. Во првото семејство ѝ се исполнил сонот за топол дом. Ја згрижиле млади родители кои покрај за своите деца се грижеле и за неа. Била среќна, децата во згрижувачкото семејство станале нејзини брат и сестра и конечно почувствувала што значи сигурност. Но, семејството одлучило да замине од државата. Елена не можеле да ја земат со нив бидејќи не била посвоена.
По овој светол пример, следните згрижувачки семејства биле агонија – била тепана, присилувана да работи, за неа немало убав збор. Не наоѓајќи љубов и родители како во првото згрижувачко семејство, бегала од сите останати. Тоа било причина да ја сместат во државни институции за на крај да заврши како штитеничка на Домот за деца со социјално- воспитни проблеми „Ранка Милановиќ“ во Скопје (беше расформиран во 2019 година, како дел од процесот на деинституционализација).
По бројни бегствата од Домот и дружење со лошо друштво, кога имала 11-12 години, паднала во рацете на трговец со луѓе, сурова и бескрупулозна жена од дното на општеството. Таа ја носела во кафеани во внатрешноста на државава, каде за да привлече клиенти ја терала да игра на маси, да пие алкохол, ѝ било ладно, но сепак била присилена со клиентите да има сексуални односи во нивните возила.
Клиентите биле од сите возрасни групи, често пијани и насилни, многупати ја тепале. По присилниот сексуален чин со девојчето, парите ѝ ги давале на рака на жената, сега осудена, која нарачувала храна само за себе, а Елена ја оставала гладна. Во деновите кога се движеле надвор од кафеаните, клиенти ѝ станувале и лица кои случајно ги сретнувале – пијаници, таксисти, па дури и невенчаниот сопруг на жената и негов роднина кој имал деца на нејзина возраст.
Голгота
Елена буквално била роб, жената ја продавала на сите, а парите ги собирала за себе. Девојчето често пијано, гладно, претепано, паѓало во бессознание од болка предизвикана од безбројните изживувања и злоупотреби. Останала трудна, што било повод трговецот со деца да ѝ побара маж кој требало да ја купи Елена за 50 евра и да ѝ стане сопруг. Кандидатот, кога видел дека несудената невеста е дете, одбил да ја земе. Жената трговец, исплашена поради бременоста на девојчето, ѝ купила автобуска карта за Скопје и ѝ наредила да абортира и повторно да се врати, „инаку ќе те убијам“. Со тие зборови се разделиле.
Агонијата траела два месеци.
„Многу е истрауматизирана“ – ни рекоа повеќе соговорници кои имале контакт со Елена, за тоа како е сега, по хоророт од преживеаното.
„Случајот датира од пред околу пет години. Првиот пат била пронајдена по пријава дека се бара дете. Кога ја донесоа, беше во лоша здравствена состојба, имаше преголем страв. Детето беше во шок. Десетина дена воопшто не прозборе. Вториот пат кога била во ситуација да биде тргувана, свесна за ризиците, успеала сама да пријави во полиција. Имаше помош од психотерапевти, психијатри, за да се отвори, да каже… Многу е тешко за жртвите на трговија со луѓе да се препознаат дека се жртви, да почнат да зборуваат за тоа што им се случило, да кажат на што ги присилувале. Најголем проблем е да сфатат дека тоа што им се случило не смеело да им се случи и дека никој не смее така да се однесува со нив. Детето повторно е згрижено од страна на државата, повторно е вратена во образовен систем, но процесот на нејзина рехабилитација и заздравување е малку побавен“, вели социјален работник од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Скопје.
Прашавме, како се случило дете кое веќе било под заштита на државата, повторно да падне во рацете на трговци со луѓе.
„Беше сместена во шелтер центар за жртви на трговија со луѓе, вклучена во образование, направено се за неа, во континуитет под заштита на државата. Се работеше на процес на заздравување на ова дете. Жртвите не се држат под клуч. Беше измамена, вториот пат од други луѓе, за љубовна врска. Некој ѝ ветил дека ќе ѝ пружи љубов, дека ќе ѝ даде заштита. Со неа цело време се работи од страна на стручни лица. Сега е и поголема и многу добро разбира што значи трговијата со луѓе“, ни рече соговорникот.
Сепак, засега нејзината реинтеграција се смета за неуспешна, а до рехабилитацијата ѝ претстои уште долг пат.
Што по правдата?
Каде да се сместат децата како Елена е нешто што во државава сѐ уште не е целосно решено. Во единствениот центар во државата кој ги згрижува жртвите ( го раководи граѓанската организација „Отворена порта – Ла страда“, во соработка со Министерството за труд и социјална политика), законски жртвите можат да се задржат најмногу една година. Тука добиваат привремено сместување, правна, медицинска и хуманитарна помош, психолошко советување, образование и обуки… Потоа, малолетните се враќаат во својот дом (ако е можно), во згрижувачко семејство или во мал групен дом. На полнолетните им се помага да го продолжат образованието доколку сакаат, или да се вработат.
„Се вртиме во затворен круг – државата нема капацитет за сместување. Мал групен дом е единствена опција за Елена, но и тие домови ја одбиваат, со образложение дека не можат да се грижат за неа. Сите се обидуваат да најдат некое решение, но решение нема. Толку тежок случај досега немало“, вели еден од нашите соговорници од стручните служби кои имале контакт со Елена.
Проблем е и што бројот на згрижувачки семејства е недоволен и не сите згрижувачки семејства се специјализирани да работат со деца жртви на трговија со луѓе. Од друга страна, се поставува прашањето дали малите групни домови имаат доволно капацитети за да одговорат на специфичните потреби на жртвите.
Кога случајот беше обелоденет во јавноста, се чинеше дека подготовката на Елена да си ја соголи душата на сведочењето требаше да е потешкиот дел. Да ја зборуваш вистината и само вистината. Нема друг начин, така ја подготвував, ни раскажа обвинителката Маја Конеска, која го водеше случајот.
„Таа даде солиден исказ, со точно определување што, каде и кога се случило и кој какви дејства превземал – најдобриот исказ што сум го добила од жртва на трговија досега. Но, за да биде така е потребно време и трпение, потребно е детето да стекне доверба во вас и да верува дека вие сте единствени што сакате и можете да помогнете. Затоа сметам дека е многу важно секој обвинител што работи со вакви жртви прво да се подготви да може психички да го издржи сето тоа, бидејќи не е едноставно пред вас да гледате дете од 12 години кое ги преживеало сите тие морничави и ужасни нешта. Да ја гледате како се изобличува додека сето тоа го раскажува, воопшто не е пријатно. Овој е еден од најтешките предмети во однос на психолошкиот момент што воопшто сум ги работела во мојата обвинителска кариера. Дејствата лесно ги утврдивме, но психолошкиот момент, нејзиниот детски поглед што оддаваше состојба на безизлезност, сочувството за нејзиното страдање, низ што поминала… тоа е тешко и мачно искуство. Многу е напорно да направите професионална дистанца, бариерите лесно се кршат, а мора така да биде, емоцијата на сожалување и бес во исто време мора да се надмине, тоа е единствениот пат коректно да се сработи предметот избалансирано во контекст на правата на сега осудените на фер и правично судење“, вели Конеска.
Ако правдата е задоволена, што потоа? Судењето заврши во септември 2018 година, кога судот ја изрече првостепената пресуда по признаена вина на осудените. По поднесена жалба на одлуката на судот за висината на казната до Апелациониот суд во Скопје, во февруари 2019 година, точно една година по пронаоѓањето на девојчето, беа изречени високи затворски казни од 17 години за осудената која два месеци заработуваше од Елена и по 14 години за оние кои ги користеле нејзините сексуални услуги, иако биле свесни дека тоа е дете кое е во состојба на потчинетост.
Од тој момент до денес државните институции се борат со прашањето за соодветно сместување на Елена. Излегува дека оттогаш државата е таа која дополнително ја враќа Елена чекор назад во нејзината реинтеграција.
„Мене ми останува во секоја прилика при средби со полициските службеници кои работеа на случајот и со вработените во ‘Отворена порта – Ла Страда’ да прашам што се случува со девојчето. Како човек и професионалец секогаш ќе се интересирам за неа. Искрено, во исчекување сум на добри вести, сакам да е добра, да продолжи со учење, ѝ ја посакувам сета среќа во животот, но по редот на нештата, обвинителството и судот ја завршија својата работа, не сме веќе надлежни за нејзината судбина. Во државата нема голем број на вакви жртви – напротив, мал е бројот на докажани случаи“, вели Кoнеска, и продолжува:
„Според мене, државата треба да смогне сили и посуптилно и суштински да го реши овој проблем, во смисла да им обезбеди поддршка, односно да им ги обезбеди оние услови што нивните родители од која било причина не успеале да им го овозможат. Службите што работат со овие деца не треба да бидат службеници што по осум часа работно време ќе го погледнат часовникот и ќе си одат дома, туку треба да се постојана поддршка на овие деца, да се соживеат со нив и да го заземат родителското место. Во девојчето има огромен потенцијал, исклучително е интелегентна и мислам дека би била добра во сите области со кои би одлучила да се зафати во животот. Се надевам дека ќе најде среќа и некој ќе се грижи за неа како што треба“, смета обвинителката.
Што со системот?
Што да се направи за децата со судбина како таа на Елена, да не се вратат повторно на улица, како лесна мета на трговците со луѓе? Од „Отворена порта – Ла страда“ велат дека процесот на реинтеграција е комплексен и бара вклучување на сите актери кои учествувале од самиот почеток на идентификацијата на жртвите се до нивна подготвеност за враќање во средината.
„Државниот Центар за жртвите трговија со луѓе, е единствен од ваков вид во земјава и се забележува потребата од зголемување на сместувачките капацитети и нивна финансиска одржливост. Нема прифатилишта за сместување на лица од машки пол, но постоечкиот капацитет не обезбедува ниту можност за раздвоено сместување на полнолетните лица и децата. Некои од жртвите остануваат на маргините на општеството, бидејќи не добиваат навремена и адекватна помош и заштита поради недостиг од сервиси. Примената на еден ист пристап на помош и поддршка е несоодветен за заштита на сите жртви. Затоа постапувањето во случаите мора да биде базирано врз индивидуалните потреби на лицата во согласност со нивната возраст, пол, род, но од друга страна, практиката покажува дека на ниту една од жртвите сместени во Центарот за жртви од трговија со луѓе не и’ била обезбедена бесплатна правна помош од Министерството за правда, како и исплата на обесштетување, ако се донесени судски пресуди, освен во еден случај – по повеќе од шест години правна битка за заштита на правата на дете жртва на трговија со луѓе, во 2021 година успеа да добие надомест на штета за страдањето што ги преживеала како жртва. Со пресуда од 2015 година, Кривичниот суд ѝ додели 400.000 денари надомест на нематеријална штета. Бидејќи осудените немаат имот од каде може да се наплати штетата, по приближно една и пол година, судот донесе решение врз основа на кое Министерството за правда го исплати обесштетувањето.
Загрижувачки проблем во земјата е реинтеграцијата на жртвите во заедницата по напуштањето на прифатилиштето, пред сé поради отсуство на долгорочни одржливи програми. Со тоа се зголемува можноста за нивно повторно навлегување во синџирот на трговијата со луѓе, експлоатација итн“, велат од „Отворена порта – Ла Страда“.
Од таму препорачуваат да зајакне координацијата и соработката на институциите на централно, локално и регионално ниво за поефективна идентификација, да се обезбедат бесплатни медицински прегледи за сите жртви на трговија со луѓе, децата – жртви да се вклучат во редовно образование и тоа особено да биде приоритет на нивните старатели, да се обезбедат посебни мерки и програми за вработување на жртвите преку Агенцијата за вработување, да се спроведат долгорочно одржливи програми за реинтеграција на жртвите по напуштање на Центарот на локално ниво и тука повеќе да се вклучат и општините.
На истото укажува и Зоран Дранговски од Македонското здружение на млади правници.
„Многу е важно паралелно да одат процесите, како на идентификација на жртвите на трговија со луѓе, така и процесите кои се однесуваат за заштита на истите. И ние ништо како држава не сме направиле ако сме идентификувале еден еден куп жртви, а при тоа системот не е подготвен да им обезбеди заштита, којашто треба да вклучува и нивна сигурност пред сѐ од лицата кои им се заканувале претходно или биле злоставувани, меѓутоа и она што значи материјална сигурност, сигурност во домот и семејството, стекнување нови вештини за да започнат нов живот. Овој сет на мерки делумно се спроведува кај нас, затоа што бара координиран пристап. Не би се согласил дека во целост се спроведува оваа заштити по идентификацијата на жртвите на трговија со луѓе“, ни изјави Дранговски.
Засега нема податок кога точно дека ќе се зголемат капацитетите на Центарот за згрижување жртви од трговија со луѓе. Прашавме во Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, а од таму нѐупатија на документ од нивната интернет страница. Според документот, повеќе место и подобри услови треба да има до 2025 година.
Што дотогаш – никој нема одговор.
-„Ја потврдуваме констатацијата дека во РСМ недостасуваат сместувачки капацитети за жртви на трговија со луѓе. Во таа насока во Националната стратегија и Акциски план за борба против трговија со луѓе и илегална миграција 2021-2025 (http://nacionalnakomisija.gov.mk/wp-content/uploads/2021/10/NACIONALNA-STRATEGIJA-MKD-ALB-ANG-25.10.2021.pdf) предвидена е активност во насока на зголемување на сместувачките капацитети на Центарот, материјално-техничките средства и услови на Центарот, за безбедно сместување, помош и поддршка на сите категории идентификувани жртви и потенцијални жртви на трговија со луѓе, имајќи ги предвид посебните потреби по пол, возраст, попреченост, и слично“, ни одговорија од комисијата.
Кога се обелодени случајот со Елена, одговорноста заврши со оставка на тогашниот директор на домот „Ранка Милановиќ“ и со неколку дисциплински постапки за стручни лица од Центарот за социјални работи за несовесно работење во служба.
Елена го продолжи образованието, преку опцијата да учи онлајн. Во меѓувреме, „брои ситно“ до 18 години, до кога трае заштита од државата. Потоа ќе треба да одлучи што ќе прави во животот. За деца без родителска грижа, МТСП дава еднократна парична помош во висина до 180.000 денари. Ако продолжи да учи, ќе добива и средства за домување и образование. „Отворена порта – Ла Страда“ би ѝ помогнале да се вработи и би ѝ давале долгорочна емоционална поддршка. Јасно е дека таа никогаш нема да го заборави хоророт низ кој поминала. Дали ќе може барем без страв да се врати во општеството и да функционира во него?
„Девојчето е многу паметно, редовно си го завршува образованието и сака да напредува во животот. Мислам дека ќе успее да се извлече“, вели еден од социјалните работници кој ни раскажуваше за случајот.
Ако тоа се случи, Елена ќе им се приклучи на половина од жртвите кои во минатите 20 години биле згрижени во Центарот за жртви на трговија со луѓе и успешно се реинтегрирани. Според податоците од „Отворена порта – Ла страда“ поголем дел од нив се вратиле во основно училиште и успешно го завршиле, 20 отсто успешно завршиле средно образование, а една жртва се запишала и на факултет. Во спротивно, и покрај целиот труд вложен во неа, ќе биде само една девојка заглавена на половина пат меѓу ужасното минато и иднината што (може да) и е на дофат на рацете.
ENG – This article was produced with the financial support of the European Union and the Council of Europe. The views expressed herein can in no way be taken to reflect the official opinion of either party.
МК – Оваа статија/сторија е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија и Советот на Европа. На ниеден начин не може да се смета дека гледиштата изразени во истата го одразуваат мислењето на Европската uнија или на Советот на Европа.