Затвореници ќе можат да си ја намалат казната со донирање органи


Затворениците во американската Масачусетс наскоро ќе можат со донирање органи да го скратат времето што мораат да го поминат зад решетки, ако биде усвоен законот предложен од двајца демократски конгресмени во оваа сојузна држава.

Со програмата е предвидено намалување на казната за не помалку од 60 дена и не повеќе од 365 дена за затворениците што ќе донираат орган или коскена срцевина. Специјален комитет ќе ги дефинира стандардите и критеиумите и ќе го разгледува секој случај посебно.

Американското Федерално биро за затвори дозволува затвореници да донираат органи само за да им се помогне на членови на нивните семејства. Ниту една сојузна држава не дозволува донирање органи од егзекутирани затвореници.

Обединетата мрежа за споделување органи (УНОС) наведува дека на 104.413 луѓе во САД им е потребно пресадување органи, а 58.970 се на активната листа и чекаат донатори.

Џеси Вајт од службите за правна помош на затворениците во Масачусетс забележува дека „расната нееднаквост е сериозен проблем за некои заедници, кога се работи за пристап до донирани органи и коскена срцевина“, но додава дека предложениот закон не е начин да се реши проблемот.

– Загрижени сме поради реалниот ризик од несоодветна медицинска нега во затворските услови. Убедени сме дека решението мора да опфаќа надминување на структурните проблеми што водат до здравстена нееднаквост, вклучувајќи ги и непотребните затворања на многу лица што може да живеат слободно и безбедно во нашите заедници – изјави Вајт.