Затворени угостителски објекти во Аеродром и Гази Баба поради непочитување на мерките


Во текот на изминатото деноноќие полициски службеници од СВР Скопје и инспектори од Државниот пазарен инспекторат при вршење контроли во врска со почитување на мерките за заштита од коронавирус констатирале дека два угостителски објекта, еден во Гази Баба и еден во Аеродром, не се придржувале кон предвиденото работно време согласно Законот за заштита на населението од заразни болести и Одлуката на Владата за мерки за спречување на ширење на Ковид-19 и во нив се затекнати повеќе лица.

-Од страна на Државниот пазарен инспекторат угостителските објекти се испразнети и затворени и ќе бидат поднесени соодветни поднесоци за непочитување на одлуките од Владата на Република Северна Македонија во врска со Ковид-19, информираат од МВР.

 

Министерството за внатрешни работи, во соработка со Државниот пазарен инспекторат, продолжува со засилените контроли во врска со почитување на мерките за заштита од коронавирус, стои во соопштението.