Затворени три угостителски објекти во Мала Речица, Гостивар и на Бит Пазар


Фото: Б. Грданоски

Угостители кои не ги почитувале ограничувањата поради пандемијата, па надвор од дозволеното место имале гости, се соочија созатоврање на своите објекти и соодветни пријави.

Имено, во петокот, во 22 часот од полициски службеници од Полициска станица Гостивар при извршена контрола на угостителски објект- чајџилница на ул.„18 Ноември“ во Гостивар, сопственост на М.И.(45) од Гостивар, констатирано е дека се постапува спротивно на законски пропишаното работно време за време на епидемија, при што во објектот имало 11 гости. Објектот од страна на Државен пазарен инспекторат е затворен, а сопственикот М.И. е лишен од слобода и задржан во полициска станица.

Истиот ден, во 21.30 часот полициски службеници од СВР Тетово во содејство со инспектори од Државен пазарен инспекторат при извршена контрола на угостителски објект во с.Мала Речица, сопственост на С.Ј.(54) од с.Мала Речица констатирале непостапување по здравствени прописи за време на епидемија при што во објектот имало осум лица. Објектот од страна на Државен пазарен инспекторат е затворен, а сопственикот С.Ј. е лишен од слобода и задржан во полициска станица. 

Во временскиот период од 21.30 до 23.20 часот од полициски службеници од СВР Скопје во содејство со инспектори од Државен пазарен инспекторат е извршена контрола во угостителски објект на подрачјето на Бит Пазар при што било констатирано дека објектот работел, односно не се придржувал до пропишаното работно време и во него биле затекнати 22 лица, од кои еден малолетник, кои се лишени од слобода.

По целосно документирање на случаите ќе биде поднесена пријава по член 206 од Кривичниот законик – „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.