Затворени пет конфекции во Штип, не сакаат карантин во градот


 

Пет конфекции од каде потекнуваат најголем број од заразените со Ковид-19 се затворени, а вработените треба да останат во самоизолација одлучи денеска Општински штаб за заштита и спасување во проширен состав.

На состанокот присуствувале претставници од ЦЈЗ Штип, ДСЗИ Штип, СВР Штип, ЈЗУ Здравствен дом „Панче Караѓозов“ Штип, ТППЕ Штип, Дирекција за заштита и спасување и АРМ, а дополнително на овој состанок присуствуваше и државниот секретар во Министерство за здравство, Владимир Милошев.

Општинскиот штаб за заштита и спасување ги донесе следните одлуки:
– На предлог на Општинскиот штаб за заштита и спасување до Централниот кризен штаб, од утре (вторник) 02.06.2020 г., ќе бидат затворени пет конфекции во Општина Штип.
– Од утре започнува пошироко тестирање за Ковид 19 на вработените од овие пет конфекции.
– Задолжително вработените од овие пет конфекции треба да останат во самоизолација и да ги почитуваат мерките за заштита на сопственото и на здравјето на останатите граѓани.

Општинскиот штаб за заштита и спасување е против карантин за Штип, но ќе ја следи ситуацијата во наредните неколку денови и доколку бројката на заболени лица се зголемува ќе биде предложено до Централниот кризен штаб, за затворање на градот и воведување на полициски час.

Апелираат за најсериозно почитување на мерките и насоките од Владата и институциите!

Посебен апел до оние граѓани кои шират лажни вести дека вирусот не постои и е измислица, а всушност се работи за вирус којшто е се уште присутен овде и борбата со истиот треба да ја водиме сите заедно.
Да не дозволиме поради некои коишто не ги почитуваат мерките да го затвориме целиот град, а со тоа да ја запреме економијата и граѓаните да останат на улица, додаваат од општинскипт штаб.