Затворени над 80 училишта во цела Грција

Грција– Превентивно и за да се спречи ширење на коронавирусот над 80 училишта во цела Грција, со одлука на Министерството за образование, од денеска се затворени.

Листата со средни и основни училишта кои ставија клуч на врата постојано се менува, со оглед на тоа дека една образовна институција се затвора доколку се потврди дека постои позитивен случај на Ковид-19, поврзан со некој од учениците, јави дописничката на МИА од Атина.

Затворени се училишта во Атина, Солун, Лерин, на островите Лезбос и Евија, а паралелно, и понатаму се затворени сите училишта во регионите Илиас, Ахаиа и Закинтос, каде што од минатата седмица, во сила се вонредните владини превентивни мерки.

Рано утрово, бројката на заразени со Ковид-19 во Грција се искачи на 89 лица, откако беа потврдени пет нови случаи на коронавирусот. Од нив, четворица се блиски контакти на веќе потврдени случаи, еден е кај лице кое патувало во Лондон.

Влошена и критична е состојбата на 66-годишниот маж, кој од 4 март е хоспитализирано на интензивна нега во болницата во грчкиот град Патра, а беше првиот потврден случај од групата од 54 лица што се врати од поклоничкото патување во Израел и Египет.

Во текот на вчерашниот ден беа потврдени 11 нови случаи, од кои четири создаваат загриженост во Грција, со оглед на тоа дека е непознат изворот, односно веројатно станува збор за лица кои ниту патувале во некоја од погодените земји, ниту пак биле во контакт со некој од веќе потврдените случаи.

Проценките, како што вчера рекоа министерот за здравство на Грција, Василис Кикиљас и претставникот за коронавирусот, професорот Сотирис Циодрас, се дека во следните седмици ќе има зголемување на бројот на заразени.

Министерството за здравство на Грција, во зависност од бројот на потврдени позитивни случаи, презема нови превентивни мерки.

Вчера соопштија дека се откажуваат културни и уметнички настани во отворени и затворени простори што вклучуваат над 1000 лица и наместо одржување на состаноци на кои е предвидено учество на 50, да се разгледа можноста за телеконференција.

Прва „жртва“ на новите мерки беше колумбиската ѕвезда, пејачот Малума, кој е веќе во Атина за концертот закажан за утре во грчката престолнина, а два дена подоцна во Солун. Организаторите, за дописничката на МИА од Атина, синоќа потврдија дека концертите нема да се одржат.