Затворени избирачки места во Турција, Киличдароглу повика да се внимава на гласачките кутии


 

Во 17 часот по локално време гласачките места во Турција беа затворени. Додека објавувањето на резултатите во првиот круг беше одложено за следниот ден, денеска резултатите би можеле да стигнат порано бидејќи учествуваат само двајца кандидати.

Ердоган во првиот круг освои 49,5 отсто, повеќе од очекуваното, но недоволно за победа во првиот круг од претседателските избори. Неговиот противник Киличдароглу освои пет процентни поени помалку.

„Ги повикувам сите граѓани да излезат на гласање за да се ослободат од угнетувањето и авторитарниот режим и да донесат вистинска слобода и демократија во оваа земја“, рече Киличдароглу откако го стави своето гласачко ливче во кутија.

Тој ги повика своите приврзаници да останат блиску до избирачките места и по нивното затворање и да внимаваат на гласачките кутии со оглед дека „овие избори се одржуваат во многу тешки околности“.

„Изречени се секакви клевети, но јас верувам во здравиот разум на граѓаните. Демократијата сигурно ќе дојде во оваа земја, слободата ќе дојде кај нас“, им порача тој на насобраните, кои со аплауз го поздравија пред гласањето. станица.

По гласањето во Истанбул, Ердоган рече дека ова е прв пат во историјата на Турција да се одржи втор круг од изборите во земјата.

Тој ја пофали големата излезност на граѓаните во првиот круг на 14 мај и рече дека и овој пат очекува голема излезност. Во првиот круг гласале околу 87 отсто од граѓаните со право на глас. „Ниту една земја во светот нема излезност од речиси 90 проценти. Ги молам моите сограѓани да дојдат да гласаат“, рече актуелниот шеф на државата.

Ердоган важи за фаворит во вториот круг од изборите, а гласаше во својата изборна единица Ускудар на азиската страна на Истанбул.

Тој на гласачкото место пристигна во придружба на сопругата Емина. Тој исто така беше пречекан и испратен од голем број поддржувачи. Според него, гласањето ќе биде брзо завршено со оглед на тоа што во трката за претседател има само двајца кандидати.

Ердоган ќе биде во Анкара во раните вечерни часови.

Инаку, анкетите пред вториот круг покажуваа дека претседателот Ердоган ќе освои од 52 до 55 отсто од гласовите. Иако пред изборите во првиот круг беше посочено дека опозицискиот кандидат Кемал Киличдароглу ќе го спречи да освои трет мандат, се чини дека власта ќе остане цврсто во рацете на Ердоган.