Затворената седница со Виктор Димовски се емитувала во живо на Јутјуб

Необјасниво е како расправата за доверливи документи одела преку собранискиот канал на Јутјуб. Џафери побара седницата да се прекине


Фото: Б. Грданоски

Отчетот на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, околу случајот со македонското државјанство на Украинецот Александар Онишченко, доби чуден развој.

На говорницата на Собранието пратеникот Павле Трајанов побара објаснување зошто затворената седница, на која Димовски презентираше доверливи документи, била емитувана  во живо на Јутјуб на Собранискиот канал. Тоа беше причина спикерот на парламентот Талат Џафери да побара да се испита случајот, а дотогаш Комисијата за надзор на работата на АНБ и на АР да не продолжува со работа.

Што е почудно, за салата во која се даваше отчетот на Димовски важи дека нема технички услови за пренос на состаноците.

Инаку, седницата почна и набргу беше прекината поради барањето на дел од пратениците да гласаат на собраниската седница што се одвиваше паралелно во пленарната сала.

Од Кабинетот на Џафери велат дека се додека не се истражи случајот, не можат да дадат никаква информација. Џафери на почетокот на седницата истакна дека нема да отстапи од своите надлежности за да испита до крај што се случува.

„Има одлука на Комисијата работата да биде затворена. Од каде, како, што, тоа не е моја работа јас тоа да го испитувам. Има државни институции кои се надлежни тоа да го спроведат и сите надлежни институции се информирани и ќе бидат во Собрание тоа да го испитаат. Меѓутоа, тоа не е за телевизија, додека не се утврди што е што“, рече Џафери.

Тој нагласи дека нема што да крие од пратениците и од службата, посочувајќи дека ние сме членки на НАТО, претенденти да бидеме дел од ЕУ и сме цел на кибер напади, така што не треба да се случи тоа што се случило во соседството.

„Јас и по функција преземам сѐ што е можно во моја надлежност да нема упади како што имало во соседството“, рече Џафери.

Тој им се обрати на пратениците, потенцирајќи дека тие не треба да дозволат како членови на Комисијата да излегуваат од седницата доколку таа е затворена и од неа „не смее да излезе ништо“.

„Бевме информирани од новинарите дека е нарушена конспиративноста на седницата. Со оглед на тоа што може да е дезинформација, барам да се испита целокупната оваа состојба, бидејќи е крајно неодговорно да ја држиме затворена седница за исклучително битни прашања, а преку стриминг наводно некој од новинарите ги слушале тие информации. Како претседател ве замолувам сепак, ако е точно тоа, бидејќи сите новинари се информирани, дел од нив ја следеле и седницата, но можно е да не е тоа точно,  да преземете соодветни мерки за да се расчисти таа работа“, рече Трајанов на почетокот на продолжението на пленарната седница.

Џафери тогаш му одговори дека не е коректно да се изнесуваат на говорница работи за што се во тек испитувања.

„Впрочем имате сертификат за класифицирани информации и додека не излезе куќата овде да каже што е што, не е коректно. Јас за мене не се лутам. Ова е прашање на државата, не е за мене како претседател на Собранието. Во крајна инстанца, правете што сакате. Ова што се случува е работа, одговорност и состојба на државата. Што сакате сега да ви кажам што сум превземал јас. Извинете не е коректна оваа работа. За ваше знаење пред да дојдете да кажете вие, превземено е се што треба да превземам јас како претседател на Собранието, ама тоа не е за медиуми. Тоа е истрага. Во истрага знаете дека не може да оди во јавност постапката што се спроведува“, рече Џафери.

Медиумите, според него, биле коректни што не излегле надвор од она што им е законска обврска дека не смеат да манипулираат со работи што се однесуваат на државни работи.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски истакна дека е очигледно оти денеска има ситуација што треба да се истражи и за која треба да имаме конкретни информации што се случи.

„Не го оправдувам реагирањето на колегите од власта, затоа што ова е проблем во оваа институција и е голем проблем доколку ова навистина се случило и во државата. Затоа претседателе ве охрабрувам согласно вашите надлежности да преземете обврска да се направи целосна истрага за инцидентот, односно скандалот, доколку е случен на Комисијата која што се одржуваше денеска. Таа треба да биде зад затворени врати на која присуствуваат пратеници, кои имаат сертификати од одредено ниво и доколку навистина се случило вакво нешто навистина треба да има одговорност“, рече Мицевски.

Крајно време е, според него, да се направи таа затворена соба. Ваков скандал не треба да го коментираме од место, да реагираме на колегата Трајанов или пак да го премолчиме. Сите треба да работиме вакво нешто да превенираме затоа што многу често ни се случуваат пропусти во безбедносниот систем и во функционирањето на државата, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. (Н.В.)