Затворена Ајфеловата кула


Ајфеловата кула е затворена поради штрајк на голем број вработени, објави веб-страницата на познатата париска зграда.

Штрајкот започна пред преговорите за работните услови со градот Париз, кој е сопственик на споменикот стар 134 години.

„Поради штрајк на дел од вработените, Ајфеловата кула моментално е затворена. Се извинуваме за предизвиканите непријатности. Влезот на плоштадот е отворен и слободен за посета“, се вели во соопштението на веб-страницата на Ајфеловата кула.

Ајфеловата кула е изградена по налог на француската влада за Светската изложба во 1889 година, дизајнирана од инженерот Ајфел, а откако била изградена и официјално станала највисоката зграда во светот.

Првично беше планирано кулата да биде подигната и демонтирана по 20 години бидејќи на многу парижани не им се допадна дизајнот, но сепак Ајфеловата кула стана симбол на француската престолнина со текот на годините.

Ајфеловата кула е едно од најпосетуваните места во светот. Отворен е 365 дена во годината, а дневно го посетуваат во просек по 20.000 туристи.

Штрајкот започна во вторникот, на денот на 100-годишнината од смртта на креаторот на оваа позната париска зграда, Густав Ајфел.