Затворен предметот за модуларните болници, нема кривично дело

По извршени проверки и анализи на прибраната документација, ОЈО ГОКК оцени дека нема основа за гонење за злоупотреба на службената положба ниту за друго кривично дело кое се гони по службена должност


Шефот на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази (Фото: Б. Грданоски)

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) го затвори предметот за јавни набавки за градењето на 19 модуларни болници во државата. Обвинителството  по извршени проверки и анализа на прибраната документација, оцени дека не постојат основи на сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик, ниту за друго кривично дело кое се гони по службена должност, во врска со јавните набавки за изградба на 19 модуларни болници, соопшти ОЈО.

Предметот беше отворен на 10 септември 2021 година по допрен глас, откако се случи трагичниот настан во ковид-центарот во Тетово. Тогаш Обвинителството посочи дека ќе ја провери документацијата за набавката и изградбата на сите болници.

Обвинителката Верица Бержецка на брифинг со новинарите денеска кажа дека анализирана е обемна и сложена документација за предметот, кој првично бил кај обвинителката Вилма Русковска, преку Елизабета Јосифовска финишира кај Бержецка.

Според оценката на Обвинителството,  во периодот од април до јуни 2020 година биле спроведени три постапки за обезбедување дополнителни капацитети на здравствениот систем за справување со пандемијата од Ковид-19. Набавките се однесувале на монтажни контејнери кај Клиниката за инфективни болести во Скопје, немедицинска опрема за Регионалниот ковид-центар и формирање монтажно-модуларен амбулантско-поликлинички оддел за потребите на Клиниката за пулмологија и алергологија.

– Предмет на анализа беше и постапката за набавка на модуларни монтажни контејнери во рамките на Проектот за итно справување со Ковид-19, финансиран со заем од Светска банка. Постапката била спроведена согласно правилата на меѓународната финансиска институција, со барање понуди преку меѓународен пазар. Бирото за јавни набавки потврдило дека во ваков случај не се применуваат одредбите од Законот за јавните набавки, согласно законскиот исклучок за набавки спроведени според правила на меѓународна организација.

Била анализирана и регулативата од областа на градењето. Јавниот повик бил објавен на 13 октомври 2020 година, а договорот бил склучен на 30 ноември 2020 година. Во меѓувреме, со измените на Законот за градење објавени на 24 ноември 2020 година, модуларните градби наменети за вршење здравствена дејност биле опфатени во категоријата градби за кои не е потребно одобрение за градење. Од прибраната документација произлегува дека дел од јавните здравствени установи имале решенија од Министерството за здравство за поставување на модуларните градби, како и соодветна проектна документација.

 Обвинителството ја анализирало и документацијата за активностите на Светска банка по пожарот во модуларната болница во Тетово. Во октомври 2021 година биле посетени објектите во Гостивар, Струга, Прилеп, Велес и Штип, при што била проверувана усогласеноста со проектните стандарди, безбедноста и противпожарната заштита.

– Според документацијата, тимот на Светска банка потврдил дека постапката за набавка била во согласност со важечките правила на банката и дека испорачаната стока одговарала на техничките спецификации. Од анализата на целокупната документација и извршените проверки, Обвинителството не утврди факти од кои би произлегло дека во постапките за набавка службено лице ја искористило или пречекорило службената положба или овластување, односно не ја извршило службената должност, со цел да прибави значителна имотна корист или да нанесе значителна штета, велат од Обвинителството. Според нив, согласно важечката законска рамка, утврдените факти не ги исполнуваат законските обележја на кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување.
 

– Оттука, надлежниот јавен обвинител оцени дека нема основи на сомнение дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност, поради што нема место за натамошно јавнообвинителско постапување по предметот, порачуваат од ОЈО.

Пожарот во модуларната болница во Тетово се случи на 8 септември 2021 кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени.

„Човекот кој е директно виновен за непоставување на минимум техничка спецификација за модуларната болница која се запали во Тетово и во која загинаа 14 лица, треба да одговара, а не да држи прес-конференции“, порача ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагирајќи на одлуката на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а асоцирајќи на лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Пожарот во модуларната болница беше една од главните теми со кои власта политички се препукуваше со лидерот на опозицијата, што веројатно же се случува и натаму, но „крив“ ќе биде ислам Абази на кого му се подготвува заминување од функцијата.