Затвор и протерување за мигрантите кои киднапираа Словенец

Судот во Ново Место изрече казна од 18 месеци затвор за двајцата илегални имигранти, кои на почетокот на мај киднапираа 79-годишен државјанин на Словенија, заедно со неговиот автомобил за да стасаат во Италија.

Откако го признаа делото, 18-годишниот Алжирец и 25-годишниот Мароканец се осудени на затворски казни, по што ќе бидат протерани од Словенија без право да се вратат во следните пет години.

Постапката против третиот киднапер, алжирски државјанин, кој тврди дека е малолетен, се води одвоено додека не се утврди неговата возраст. Судот соопшти дека годината на раѓање која ја навел пред судот и онаа која ја напишал во барањето за азил не се совпаѓаат.

Кон почетокот на мај група мигранти го нападнале Словенецот додека работел во лозјето. Го врзале и го ставиле во багажникот од неговиот автомобил, а потоа го исфрлиле од возилото во шума, на 180 километри од Сежана и побегнале во Италија. Италијанската полиција набрзо ги вратила на словенечките власти, каде беа обвинети за илегален влез во државата, киднапирање, грабеж и кражба на моторно возило.

На судењето тие се извинија за својата постапка, а како оправдување ја наведоа тешката психичка состојба во која се нашле за време на долгиот пат кон западна Европа.