Засилени инспекции против загадувањето во Центар


Фото: Б. Грданоски

Инспекциските служби на Центар спроведуваат засилени надзори и контроли на територијата на општината за справување со аерозагадувањето и оставањето градежен отпад.

Контрола е извршена на повеќе активни градилишта во Буњаковец, Центар, Кале и Пролет, при што се изречени глоби на субјекти кои не ги почитувале мерките за одржување на градилиштата на начин што нема да ја загадува и деградира урбаната средина.

Надзор е спроведен на локацијата на Јужен булевар во напуштен објект кој претставуваше црна точка каде што имаше пријави од граѓани за палење на отпад. Со наредба од надлежен инспектор објектот е заграден со метална ограда и спречено е понатамошно палење и загадување на воздухот.

Инспекциските служби на Општина Центар на изведувачите им налагаат да ги спроведуваат мерките за миење на тркалата од возилата, камионите и багерите како и употреба на церади на камионите за заштита од прашина, секојдневно миење и метење на улиците и тротоарите околу градилиштата.

Сите градилишта се задолжени да ги спроведуваат мерките согласно Законот за јавна чистота и Законот за животна средина. Доколку не ги почитуваат ќе бидат преземени инспекциски мерки и истите ќе бидат санкционирани.

Општина Центар апелира до граѓаните:

– Да го намалат користењето на возила,

– За затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал,

– Да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци,

– Печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот,

– Редовно да се чистат оџаците.

Општина Центар апелира и до сите надлежни институции координирано да работат за да се надмине алармантната состојба со загадувањето на амбиенталниот воздух во Скопје.