Заштитните маски поскапеле заради набавните цени, а не поради маржите


Заштитните маски и други производи за заштита од корона вирусот поскапеле заради набавните цени, а не поради несоодветно однесување на продавачите и аптеките, беше соопштено денес на заедничка прес-конференција на директорите на пет инспекторати што се одржа во Владата.

„Ние немаме домашен производител и зависни сме со каква количина и со каква цена ги увезуваме заштитните маски“, уверуваа надлежните по поплаките од повеќе граѓани дека се користи ситуацијата вештачки да се зголемат цените на овој производ за кој има голема побарувачка.

Според направените проверки, при продажбата на заштитните маски се користела мала маржа, некаде дури се работело со загуба.

Инаку, поради тоа што не ги почитувале мерките на Владата за заштита од корона вирусот, до сега се затворени 17 објекти од Пазарниот инспекторат.

Според директорот на Инспекторатот, Стојко Пауновски, три објекти се затворени на 13 и 14 март, вчера се затворени седум, а денеска, само досега се затворени уште најмалку седум.

Затвораме објекти каде има нарушување и непочитување на владините одлуки. Инспекторите се постојано на терен, и дење и навечер. Има и дополнителни екипи кои вршат контроли ноќе со оглед на дојавите од граѓани дека некои објекти и тогаш работат“, рече Пауновски на прес-конференција во Владата на која присуствуваа директорите на пет инспекторати.

Според Пауновски, секогаш има луѓе кои не го почитуваат пропишаното, па казните за нив ќе бидат согласно одлуката на Владата.

Државниот пазарен инспекторат досега контролирал 80 маркети и аптеки. Не утврдил покачување на цените. Спровел и 3.000 надзори. Притоа констатирал дека најголем дел од објектите ги почитуваат мерките.

Доколку некој има сознанија за објект кој работи спротивно на владините препораки, може да пријави на телефонскиот број 02/3220547, порачаа од инспекторатот.