Заштитата на културното наследство приоритет на Стефоска


Новата министерка за култура Ирена Стефоска денеска официјално ја презеде функцијата. Основната задача на која како министерка ќе се посвети за време на овој мандат, како што истакна, е заштитата на културното наследство но и раскрстување со варварското однесување кон културното наследство.

Стефоска по преземањето на функцијата изјави дека ќе работи на обединување на знаењата за да ја одржи, како што рече, виталната врска на нашиот културен амалгам, на заедничкото наследство со современи и идни културни образовни естетски па дури и економски практитки.

-Позицијата министер за култура на Република Северна Македонија ја прифатив како чест и уште поголема одговорност. Уште веднаш зборувам за одговорност и постајано ќе зборувам за одговорност, затоа што ми е совршено јасно дека ние како држава единственото нешто со што располагаме и со што можеме да бидеме препознаени и прифатени во светски контекст е културата. Таа наша култура, културата која ни припаѓа на сите е амалгам од соништата на сите наши предци, додаде Стефоска.

Според неа, нашата култура е живата врска со нашата современост, таа не прави она што сме и ги протектира насоките за нашата иднина.

-Затоа мојата задача како министерка во овој владин кабинет е посветеност во заштитата на културното наследство, недвижното, движното, нематеријалното и во таа смисла раскрстување со варварското однесување кон културното наследство бидејќи таквиот однос сите нас не води кон пропаст, рече Стефоска.

Ваквата определба и нејзината реализација според новата министерка, подразбира едукација и вклучување на луѓе со капацитет и знаење, особено на младите луѓе, надминување на сите јазови: генерациски, социјални, етнички или религиозни, затоа што, појасни, сите заедно имаме една единствена заедничка цел.

-Ајде сите заедно и културни работници и граѓани да направиме нашата култура да свети како ѕвезда на Балканот и пошироко исто онака како што Медена земја свети и сјае низ целиот свет. Таа врска мораме да ја одржиме од едноставна причина што таа не прави она што сме. Ја завршувам изјавата со познатата  мисла која вели: Ако сакаме да ја сочуваме културата морамае да продолжиме да ја создаваме,рече Стефоска.

Претходниот министер за култура Хусни Исмаили кој денеска ја предаде функцијата, истакна дека функцијата ја предава во сигурни раце, и се надева оти новата министерка на најдобар можен начин ќе се снајде со предизвиците кои ја очекуваат во текот на својот мандат.

-Денеска јас ја предавам функцијата министер за култура на идната министерка Ирена Стефоска. Имам големо задоволство и чест бидејќи ја предавам функцијата министер во сигурни раце. Како што ви е познато идната министерка е човек кој доаѓа култура била долги години во парламентарни тела за култура има добри познавања и се надевам дека на најдобар можен начин ќе се снајде со предизвиците кои ја очекуваат во текот на својот мандат, рече Исмаили.

Посочи дека од многубројни постигнувања во Министерството за култура за време на мојот мандат особено задовлство му причинува постигнувањето на двете цели. Првото е, како што рече, донесувањето на Законот за култура кој сега ќе биде во парламентарни процедури и второто, според него уште поважно потпишувањето на колективниот договор.

-Овие се две големи успеси и според мене се два круцијална столба во Министерството за култура со што понатамошната работа на министерката ќе и биде многу полесна но ќе има и предизвици кои сигурно верувам ќе успее да ги надвладее, додаде Исмаили.