Засега само Никарагва и Сирија ја поддржуваат Русија

Иако двете земји изјавија во вторникот вечерта дека ја поддржуваат одлуката на Москва, не е јасно дали и тие ќе ја признаат независноста на сепаратистичките региони


Манагва, главниот град на Никарагва

 

Руското министерство за надворешни работи ги повика другите земји да го следат примерот и да ги признаат териториите под контрола на сепаратистите во источна Украина како независни држави. Во вторникот вечерта само Никарагва и Сирија изјавија дека ја поддржуваат одлуката на Москва да ги признае Донецк и Луганск како независни републики, но сѐ уште не е јасно дали ќе го сторат тоа, пренесе Би-Би-Си.

Ниту една друга земја досега не ги признала самопрогласените народни републики – иако друг отцепен регион поддржан од Русија, Јужна Осетија, ги поддржува сепаратистите од 2015 година. Јужна Осетија се отцепи од Грузија, која се здоби со независност по воената интервенција на Русија во 2008 година

Кубанската комунистичка влада го обвини Западот дека води „пропагандна војна“ против Москва. Северна Кореја ги повика САД да стават крај на, како што ја нарече, „непријателската политика на изолација и слабеење на Русија“.

Индија досега беше внимателна во својот одговор. Таа не ја критикуваше отворено Русија и инсистираше на тоа дека треба да се искористи дипломатијата за „деескалација“ на ситуацијата. Позицијата на Кина беше слична.

Соединетите Американски Држави и европските земји би сакале Индија да заземе појасна позиција, но Делхи не може да си го дозволи тоа од неколку причини, наведува Би-Би-Си. Москва останува најголемиот снабдувач на одбранбена опрема за Индија. Има и историја на добри односи кои се тестирани во последните децении.

Индија ќе биде под силен притисок да заземе јасен став, бидејќи Западот ќе воведе повеќе санкции во наредните денови, додека Делхи се потпира на својата позната стратегија за неврзаност. Премиерот Нарендра Моди ќе мора да одржува тежок баланс.