Засега нема промени во начинот на одвивање на наставата


Засега не се планираат промени на досегашниот начин на одвивање на образовниот процес, рече Арафат Шабани заменик министерот за образование и наука по посетата на неколку училишта во Гостивар. Тој лично очекува епидемоилошката состојба да се подобри, но доколку здравствените власти оценат дека училиштата треба да се затворот, ќе се премине на онлајн настава.

Шабани со соработниците при посетата на гостиварската општина оствари низа средби со наставници и членови на училишните одбори. На нив се разговарало за актуелностите и новонастанатите состојби при одвивањето наставата.

Заменик министерот посочи дека посетата имала за цел да се добијат изворни информации за одвивањето на комбинираната настава во училиштата и притоа нагласи дека одговорното однесување ги намалува активните случаи, и наставниците и учениците доследно да ги почитуваат мерките за заштита.

– Освен запознавањето со одвивањето на комбинирана настава со физичко присуство и онлајн, ќе имам и средби на кои освен за наставниот процес, ќе разговараме и за други аспекти во сферата на образованието. Тие ќе бидат во насока на подобрување на условите и каде министерството може да помогне во унапредување и подигнување на квалитетот на образованието. Процесот на организирано учење продолжува, а најголема заслуга за успешниот старт на учебната година имаат наставниците кои со сиот свој капацитет се заложија за непречено одвивање на воспитно – образовниот процес, рече Шабани.

Тој очекува од разговорите со училишните управи и локалната самоуправа да произлезат конкретни предлози за непречено одвивање на образовниот процес во услови на пандемија. Негова оценка по анализираните податоци, дека во земјава околу 15 проценти од училиштата се соочуваат проблеми при одржување на онлајн наставата, пред сè заради недостиг на опрема и квалитетни интернет врски.

Гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари нагласи дека оваа посета била искористена за подетален увид во спроведувањето на воспитно-образовниот процес во Гостивар и дека соработката со МОН се одвива на дневно ниво и во óд се решаваат сите потреби.

– Впечаток е дека родителите и учениците повеќе сакаат наставата да се следи со физичко присуство. За овие две недели откако е почната учебната година нема пораст на инфицирани. Најмногу поплаки има на платформата за онлајн настава и се надевам дека тоа ќе биде решено. Добивме и предлози за настава во четири смени и тоа ќе го пренесеме на МОН, рече Таравари

На новинарско прашање околу забелешките дека на учениците не им се дозволува физичко присуство во училиштата, а им се дозволува да престојуваат во угостителски објекти, заменик министерот Шабани рече дека Министерството имам одговрност од епдемоилошки аспект кога наставниците и учениците се на настава, додека надвор од установите, почитувањето на мерките и протоколите треба да контролираат и следат други институции.