Засега нема одговор како снимката за ,,Рекет“ стигнала до „Ла Верита“

Снимката објавена во „Ла Верита“ не е добиена од извори во ОЈО, вели државниот јавен обвинител Јовески.

– Снимката во италијанскиот медиум не е добиена од извори на ОЈО, таа е дел од доказната постапка, изјави за Дојче веле државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, кој во моментов е надвор од земјата.

Од Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција кое го води предметот „Рекет“, пак, не прецизираат дали снимката им е позната и дали ја имаат како доказен материјал.

– Сите докази кои Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција ги поседува во предметот за кој покажувате интерес ќе ги презентира пред надлежен суд при евентуална судска постапка. Предметот е во фаза на истрага во која во континуитет се работи на обезбедување на сите докази, велат од Обвинителството.

Ниту од „Ла Верита“, ниту од надлежните во земјава, засега нема објаснување како снимката која е можен доказен материјал во истрагата за „Рекет“ стигнала до италијанскиот весник и дали тоа ги компромитира доказите.

Според правни експерти со кои контактирал Дојче веле, со објавување на снимката не се искомпромитирани доказите за „Рекет“. Велат дека објавената снимка станува валиден доказ во постапката.

– Засега нема одговор, но има претпоставки како стигнала снимката во италијанскиот весник Ла Верита, кој во изминатите неколку години важи за медиум близок на сегашната опозиција во земјата. Ла Верита беше првиот странски медиум кој пред еден месец информираше за „бомбата“ објавена на руски мрежи, а во која генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, наводно го мести победникот на тендерот за набавка на опрема за М-НАВ. Тогаш Ла Верита објави текст под наслов „Скандал во Скопје – ‘Тендер за Леонардо: Циганите како нас’”, а текстот го илустрираше со фотографија на премиерот Заев. Во тој весник место наоѓаа ставовите на ВМРО-ДПМНЕ за време на политичката криза, но и по изборите во декември 2016 година. Во јануари 2017 година весникот објави интервју со тогашниот министер за надворешни работи, Никола Попоски, под наслов „Сорос да престане да го дестабилира Скопје“. Веста дека италијанскиот весник објавил снимка од криминални активности на осомничените во „Рекет“, утрово први ја објавија медиумите блиски на опозицијата. Не се исклучени и сомневања дека патот на снимката од Скопје до италијанскиот весник поминал преку Будимпешта, наведува Дојче веле.