Зариф: Иран е против турска воена акција во Сирија


Иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф изјави дека Иран е против турска воена акција во Сирија.

Во телефонски разговор со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, Зариф повика на „почитување на територијалниот интегритет и суверенитет на Сирија“, соопшти иранското Министерство за надворешни работи.

Зариф и Чавушоглу разговарале синоќа откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ги остава оние што се вклучени во сирискиот конфликт сами да ја решат ситуацијата.

„Турција, Европа, Сирија, Иран, Ирак, Русија и Курдите сега ќе мора сами да ја решат ситуацијата и да утврдат што ќе прават со припадниците на Исламска држава, фатени во нивната околина“, рече Трамп.

Тоа е прва реакција на Трамп откако Белата куќа најави повлекување на американските трупи, отворајќи го патот за турската воена офанзива против Курдите.