Зарчев: Независна и стручна комисија да одлучува за дивоградбите во Охридскиот регион


Потребно е да се формира посебна стручна комисија, која ќе биде политички независна и ќе интервенира што може да се поправи за да се зачува статусот на Охридскиот регион како заштитено подрачје во УНЕСКО, смета архитектот Димитар Зарчев.

Најпрво, вели, треба да се пристапи кон старото градско јадро и да се види што може да остане, а каде да се интервенира, за да не дојде до уништување на овој дел од градот.

– Во архитектурата тешко е некој да го искорегира и доправи она што е веќе направено. Ако ние ги корегираме козметички некои објекти и сметаме дека сме го решиле прашањето, тоа во никој случај не е исправно ниту точно. Поголеми зафати треба да има во секој случај и да се формира посебна екипа која ќе биде стручна и политички независна. Ако бевме како што треба немаше да се случи ова, истакна Зарчев.

Заклучи дека во Охрид години наназад прво не функционира урбанистичката инспекција, а потоа и градежната. Се толерира неурбанистичко градење поради одредени бизнис интереси.

– Прво треба да се расчисти состојбата со органите на управата, бидејќи тие во континуитет ги вршеле истите работи работејќи според законите и плановите, но во реализацијата не се водело сметка што се случувало. Тоа е факт. Ние имаме совршено добро направени проекти кои стојат на хартијата и се архивираат како такви, но на терен состојбата е таква каква што е. Ако беше спроведено категорички тоа што беше замислено сигурно немаше да дојде до оваа состојба, вели Зарчев.

Во однос на рушењето на дивоградбите во Охрид, кои надминуваат над илјада, архитектот е скептик дека ќе дојде до нивно рушење. Забележува дека има одлична законска рамка која, доколку се почитувала немаше да дојдеме во ситуацијата во која сме сега, да се разговара за тргање на Охрид од листата на заштитени подрачја.

– Скептик сум дека ќе се руши. Досега во Охрид ни парично не е казнет никој, ниту надлежните, ниту оној што ги правел тие работи. Предвидена е законска казна до три години за дивоградби и за тој што гради и за тој што треба да превенира и интервенира. Но, досега немаме таков случај, заклучи Зарчев.

Деновиве во Баку се одржува 43. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на која треба да се разговара за состојбата со природното и културното наследство во Охридскиот регион.