Заразеното дете престојувало во градинка само еден час


Заразеното 15-месечно дете престојувало во градинка само еден час на 9 септември. Следните денови родителите не го донеле, а вчера ја известиле градинката дека покрај целото семејството и детето е позитивно на Ковид -19. Министерката Јагода Шахпаска вели дека будно ја следат состојбата во градинките.

– Министерството за труд и социјална политика има информација за 15-месечното дете, кое на 9 септември само еден час престојувало во градинка. Следните денови родителите не го донеле. На прашање од вработените во градинката зошто детето отсуствува, добиле информација дека се работи за вадење на запчиња и затоа детето е отсутно од градинката. Вчера на 14 септември, околу 16 часот градинката е известена од страна на родителите дека покрај цело семејство и детенцето е позитивно на Ковид-19 и нема да посетува градинка, ијави министерката за труд и социјална политика.

Согласно насоките на здравствените власти, вклучена е и епидемиолошката служба, ставени се во изолација сите во групата (јаслената група) во којашто било сместено детенцето како и воспитувачот и негувателот согласно протоколот и направена е вонредна дезинфекција на градинката.

– Како Влада кога ги носиме одлуките, свесни сме за ризиците што можат да произлезат од целиот овој процес. Не ни е целта кој било да го доведеме во опасност, неговото здравје да биде ставено во ризик. Будно ја следиме состојбата. Нашата цел е навремено да реагираме со вклучување на сите чинители кои го чинат тој синџир на носители на одлуки, на учесници во спроведувањето на тие одлуки или корисници на тие одлуки, рече министерката Шахпаска.

Генерално, таа сепак оцени дека е беспредметно отсега родителите да седат дома кога се отворени градинките.

-Со вчерашната одлука на Владата родителите на деца до 6 години се враќаат на работа на 23 септември. На 9 септември почнаа да работаат градинките и Центрите за ран детски развој. Тие почнаа да работаат согласно протокол, кој јасно ги дефинира условите за безбеден престој на децата во градинките и кој го сведува ризикот од зараза од Ковид-19 на минимум, вели министерката Шахпаска.

Таа соопшти дека анализите што ги има направено Министерството за труд и социјална политика до 2 септември, говорат дека има простор за сместување на 19.000 деца, а интерес за сместување пројавиле 14.555. Во градинките уште на самиот почеток имало слободни 4.500 места.

-Приоритет имаа деца на самохраните родители и оние чии двајца родители се вработени. Оттука, потребата на овие родители да не одат на работа по отворањето на градинките е беспредметна. И затоа Владата јасно ја дефинираше одлуката вчера, дека родителите на овие деца треба да се вратат на работа, нагласи министерката.

Таа рече дека информациите кои дневно ги добиваат од градинките, говорат дека, дел од родителите не ги носат децата во градинка, иако ги запишале.

-Нашите сознанија говорат дека капацитетот на градинките не е исполнет и оти има простор за сместување на дополнителен број деца, нагласи Шахпаска.

Министерката смета дека продолженото породилно боледување ја губи смислата со отворањето на градинките.Таа нагласи дека државата мора да функционира и системот мора да работи, а според процените на здравствените власти, најмалку ризична група се децата и тие треба да се вратат во градинка.