Заради лош ревизорски извештај директорот на Катастар ќе може да биде избркан од работа


Директорот и Управниот одбор на Агенцијата за катастар ќе може да останат без функција поради ревизорски наоди и финансиски пропусти, ако есенва помине Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за катастар и недвижности, пишува „Слободен печат“.

Со новите предложени измени и дополнувања на Законот за катастар и недвижности се менуваат правилата за избор и разрешување на раководството на Катастар. Нови правила се предлагаат за именувањето, условите и разрешувањето на членовите на Управниот одбор, а освен директорот ќе може лесно функцијата да ја изгуби и заменикот на директорот.

Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за катастар на недвижности се врши усогласување со новиот Закон за високи раководители, со што досегашните посебни процедури за избор на раководните лица треба да бидат заменети со единствена постапка предвидена со новиот систем за високи раководители.

Една од позначајните предложени новини се однесува на претседателот и членовите на Управниот одбор. Според предложените измени, тие би можеле да бидат разрешени и доколку се утврди дека при извршувањето на функцијата лично или заедно со друг член дејствувале спротивно на основните цели на Законот за катастар на недвижности. Таквото постапување би можело да биде утврдено врз основа на ревизорски извештај за степенот на постигнување на законските надлежности на Агенцијата. Како дополнителен основ за разрешување се предвидува и нестручно, непрофесионално и несовесно извршување на функцијата во областа на материјалното и финансиското работење, доколку тоа е констатирано во ревизорскиот извештај.

Предлогот предвидува и посебни услови под кои директорот и заменикот на директорот би можеле да бидат разрешени. Покрај случаите предвидени со Законот за високи раководители, разрешување би можело да следува доколку не биде доставен извештај согласно член 15 став 2 од Законот за катастар на недвижности.

Целиот текст прочитајте го ТУКА