Заради отворањето на Пељешкиот мост и болницата во Дубровник ќе работи само до 13 часот


Болницата во Дубровник денеска ќе прима пациенти само до 13 часот. Отворањето на Пељешки мост е многу важно и за лекарите, а пациентите…

Општата болница во Дубровник во вторник ќе работи само до 13 часот, одлучи директорот Марио Бекиќ, пишува Дневник.хр. Со ова скратена е можноста за добивање основна здравствена грижа за пациентите, со објаснување дека токму свеченото отворање на Пељешкиот мост, кој е од „исклучителна важност за жителите на Дубровничко-неретванската жупанија“, стои во одлуката на директорот.

Новинарите се обиделе да добијат објаснување од директорот за оваа одлука, но не успеале. Останува нејасно кои лекарски услуги ќе бидат засегнати со ова вонредно работно време на болницата и кому пациентите треба да се јават при итен медицински случај.

Инаку, во Хрватска денеска ќе биде пуштен во сообраќај Пељешки мост, најголемиот инфраструктурен проект во земјата, чија изградба со речиси 80 отсто ја финансираше Европската унија од сопствени средства.

Мостот е дел од проектот „патна врска со јужна Далмација“ и го претставува најважниот геостратешки проект од национален интерес, бидејќи со неговата изградба е воспоставен територијалниот континуитет на хрватската територија.

Вкупната вредност на проектот се проценува на 420,3 милиони евра и опфаќа изградба на мост, пристапни патишта и обиколница кај Стон.

Периодот на изградба беше пет години за сите фази, а Европската Унија учествуваше со 330 милиони евра или 78,5 отсто од вредноста на проектот.

Мостот е интегрална хибридна конструкција со 13 распони, од кои пет главни (централни) распони се долги 285 метри, шест централно поставени армирано-бетонски столбови се високи 33 метри, како и две ленти заедно со лента за застанување која ќе служи за одржување на мостот.

Мостот е долг 2.400 метри, а навигацискиот профил под мостот, договорен со експертската група на БиХ, е 200 на 55 метри.

Мостот го изгради кинеската државна компанија „China Road and Bridge Corporation“, објавија хрватските медиуми.