Заради огромен интерес предавањето на д-р Исак Адижес презакажано за 18 мај


Атрактивноста на темата „Менаџирање во време на криза и што потоа“ предизвика огромно внимание

 

Заради голем интерес, онлајн предавањето на реномираниот бизнис и организациски консултант, д-р Исак Адижес кое требаше да се одржи на 5 мај се одложува за две недели подоцна. Атрактивноста на темата „Менаџирање во време на криза и што потоа“ предизвика огромно внимание, особено кај претприемачите и носителите на одлуки во домашните компании. Како резултат на тоа и заради неопходноста да се направат одредени организациски и технички приспособувања, новиот термин за онлајн предавањето на д-р Адижес е презакажан за 18 мај.

Во време кога се соочуваме со една од најголемите кризи во модерната историја, д-р Адижес ќе ги претстави своите согледувања и совети за менаџирање компании и организации за време на кризниот период, но и по неговото завршување. Предавањето ќе биде јавно достапно за сите заинтересирани по предходна регистрација.

Идејата е д-р Адижес да го пренесе своето долгогодишно искуство и на тој начин да им помогне на македонските менаџери полесно да ја пребродат кризата предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, но и подготвено да го дочекаат посткризниот период. Д-р Исак Адижес е еден од најангажираните и најреномирани предавачи и консултанти во светот. Бил професор на повеќе престижни универзитети, а неговото име е на листата 30 најдобри консултанти во Америка. Како признание за придонесот во развојот на теоријата и практиката на менаџирање, д-р Адижез е носител на 21 почесен докторат од универзитети во десет земји. Неговата уникатна Адижес методологија за управување со организациски промени повеќе од четири декади им помага на голем број корпорации, влади и организации да постигнуваат врвни резултати во своето работење.

Онлајн предавањето на д-р Адижес ќе се одржи на 18 мај, со почеток во 17:00 часот, а сите заинтересирани може да се пријават со пополнување на формуларот на следниот линк: http://m6.edu.mk/registration-page/?event=1816