„Заради Македонијаааа“ – извика Слави Трифонов за да објасни зошто ја напуштил коалицијата
Во Европа премиерот Кирил Петков вели едно за Македонија, во Бугарија - друго. Вистината е дека тој само лажеше“, рече лидерот на Има таков народ во интервју за Дарик Радио
Изгледа дека станува појасно зошто партијата Има таков народ дезертираше од четиричлената владина коалиција во Бугарија. Нејзиниот лидер, Слави Трифонов, гласно извика со рака на устата и гледајќи нагоре дека ја напуштил владејачката коалиција „Заради Македонија!“ како одговор на прашањето на новинарот на Дарик Радио за време на неговото интервју. Претходно во разговорот Трифонов рече дека „нема влада поради Македонија, не поради ИТН“.
Во текот на 90-минутно интервју во ТВ студиото разговорот стана јасно дека Трифонов сам се поканил да биде интервјуиран. Бугарските медиуми пишуваат дека лидерот на ИТН бил видно нервозен поради некои прашања, двапати посакуваше интервјуто да заврши, но тоа продолжи.
Трифонов како и претходно, ги обвини премиерот Кирил Петков и неговиот вицепремиер Асен Василев дека ја водат државата дуалистички, дека носеле одлуки како оние на ГЕРБ и Бојко Борисов и ги понижувле своите коалициски партнери.
Иако разговорот беше долг во него не стана збор за ребалансот на буџетот, што беше наведено како втора главна причини зошто Трифонов ги повелече министрите од владата. Тој рече дека се консултирал со пратениците на неговата партија и рече дека очекува лојалност од нив. Трифонов рече дека е можен експертски кабинет и нови предвремени избори наесен.
Тој ги повтори претходните тврдења дека имало удвојување во водењето на надворешната политика. Според него, советничката на премиерот за надворешна политика, Весела Чернева, работела паралелно со министерката за надворешни работи на ИТН, Теодора Генчовска, и водела двојна политика. Создавањето алтернативно министерство за надворешни работи е кршење на коалициското партнерство и национално предавство, рече Трифонов.
„Слави Трифонов веќе одлучи дека ИТН нема да биде понижена во невозможна коалиција при тезата дека Македонија ќе ги исполни договорните обврски и ќе ги прифати Бугарите во својот устав и потоа ќе започне преговори за членство во ЕУ и фактот дека овие луѓе не може да се занимаваат со управување со државата и мора да останат што подалеку и што подолго од власта“, рече Трифонов.
Според него, тој направил и избор помеѓу лошо и помалку лошо. „Полошо е да се биде во оваа коалиција и овие луѓе да ја водат државата. Нивното однесување е грубо. Премиерот е одговорен за владеење. Тој победи на изборите, но има партнери и мора одговорно да соработува со нив“, коментираше шоуменот.
„За мене нема популизам за Македонија, туку емоција. Единствениот пат кога отидов во Македонија видов огромен натпис: Бугарија умри. Се прашувам зошто. Први ги препознавме, им дадовме тенкови, Бугарите отсекогаш имале прекрасно чувство за нив. 100 илјади Македонци имаат бугарски пасоши, а 3.000 на последниот попис се изјасниле како Бугари Зошто? Некој таму им прави проблеми. Луѓето со бугарски корени се под стрес таму. Ако зависи од мене сѐ додека Македонија не го исполнува договорот од 2017 година, нема да започне преговори за членство во ЕУ“, рече Трифонов.
За Македонија има коалициски договор и договорите мора да се почитуваат, додаде тој во интервјуто.
Премиерот го вози возот затоа што има коалиција, на изборите не победи сам како царот или Иван Костов, додаде тој.
„Дали ми се допаѓа Кирил Петков не е важно, важно е да се заврши работата… Петков не престана да се обидува да нѐ прескокне за случајот со Македонија… Во Европа вели едно, во Бугарија – друго, вистината е дека тој само лажеше“, продолжи тој. „Кирил Петков има млечна политика кон Северна Македонија и имам докази и факти за тоа“, додаде Трифонов.