Заради кризната состојба во Дебар и Центар Жупа ангажирана и Армијата


По прогласување на кризната состојба во Дебар и во Центар Жупа влегувањето и излегувањето во и од овие две општини е ограничено, за што се поставени барикади, каде што контрола врши полицијата. До ваквата мерка дојде откако во двете општини се зголеми бројот на заразени до корона вирусот. Вчера беа хоспитализирани четири лица, со што бројот на заразени од Дебар се искачи на 11 лица.
Синоќа, Претседателот Стево Пендаровски донесе одлука да се ангажира и Армијата на Република Северна Македонија за поддршка на локалната самоуправа во Дебар и Центар Жупа и поддршка на полициските сили на МВР во обезбедување на дел од државната граница со Република Албанија на територијата на општина Дебар.
Армијата ќе биде ангажирана во поддршка на полициските сили до 11 април годинава.
Одлуката, како што соопшти Кабинетот на претседателот Пендаровски, е донесена во функција на спречување на ширењето на корона вирусот COVID-19 и отстранување на последиците од епидемијата, по прогласувањето кризна состојба на територијата на општините Дебар и Центар Жупа.
Единиците на Армијата ќе ги координираат своите активности и ќе соработуваат со локалната самоуправа во Дебар и Центар Жупа, полицијата, Центарот за управување со кризи и останатите институции на државата вклучени во справувањето со кризната состојба.