Заради коронавирусот, седум држави мора да дадат нови дозволи за извоз на хемикалиите од ОХИС


Србија, Хрватска, Словенија, Австрија, Германија, Швајцарија како и Македонија, треба да издадат нови дозволи за меѓународен транспорт и извоз на опасни материи, за хемикалиите од ОХИС да стигнат во инсенератор во Швајцарија. Претходната нотификација истече пред да биде завршен проектот „Отстранување, дислоцирање, уништување или неутрализирање на хемиски материи“ од АД „Охис“ Скопје, заради пандемијата со коронавирусот и затворањето на границите во Европа, пишува Мета.

На 15 март требаше да се реализира и последната пратка за Швајцарија со остатокот од околу десетина тони токсични хемикалии. Се работи за 4,6 тони иницијатори и 5,2 тони непознати хемикалии кои веќе се спакувани во специјални АДР буриња и се чуваат во магацините на ОХИС подготвени за транспорт. Пред да започне пандемијата на Ковид 19, компанијата „Екоцентар 97“, која има обврска да извезе 11 хемикалии на безбедно уништување, изнесе речиси 64 тони опасни хемикалии. Во нив имаше метанол, акрилонитрил мономер, но и непознати хемикалии и тие беа уништени во „Валорек Сервисис“ инсенераторот во Базел. Во април минатата година беа санирани и 81 боца и еден контејнер под притисок со хлор. Тие беа испратени во специјализирана компанија во Србија каде што била извршена санација на оштетените вентили, а хлорот извлечен од садовите со процес на дегазација и соодветно третиран. Садовите беа исчистени од хлор и вратени во ОХИС. Последни за извоз остануваат 14 тони од опасниот винил хлорид мономер, што ќе се уништува во инсенератор во Германија.

Целиот текст ТУКА