Запре пулсот за Кочани, кој се грижи за пациентите

Да не се протестите на граѓаните на Кочани, кои се во целосен траур за загинатите и повредените, општеството како да заборава на големата трагедија


Фото: Б. Грданоски

 

Два месеци по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, клучниот ресор здравство остана без министер, а премиерот веќе неколку дена калкулира со поставување нов. Денеска најави дека процесот ќе потрае уште неколку дена, но здравствените власти потврдуваат дека овој сектор продолжува да функционира.

Пожарот во Кочани однесе 62 животи, а остави повеќе од 200 повредени, со изгореници, вдишан чад, а психичките трауми ги сноси цел град, ако не и цела Македонија. Брзо се испратија близу 200 пациенти надвор од државава на лекување, што беше поздравено како брза и единствно исправна акција, дополнително доаѓаа експерти доктори од странство кои ги обучуваа нашите, а потоа постепено почнаа да се враќаат пациенти. За нив беше планирано откако ќе поминат на прва проценка во скопските клиники да заминат дома и да бидат третирани во кочанската болница.

Сведоштвата кои доаѓаат од пациенти преживеани на кобната вечер во Кочани укажуваат дека на кочанската болница итно ѝ е потребно зајакнување на капацитетите. Во моментов, медицинскиот персонал со натчовечки напори третира над 120 пациенти, во импровизирани услови, велат од Левица денеска.

Ова се потврдува со повеќе новинарски стории, направени два месеци по трагедијата. Пациентите кои одат во болницата во Кочани за третман сведочат дека една докторка се грижи за нив. Дел од пациентите одат во доцните вечерни часови, што заради препораката да не се изложуваат на сонце, а дел затоа што некои третмани траат по повеќе часови, а времето е ограничено. Пациенти се многу.

Фотографиите и видеата сведочат за степенот на повредите, но и за немањето услови во кочанската болница. Оние пациенти на кои им е потребна бања не можат да се третираат таму, затоа што болницата нема соодветна када. Всушност, има само обичен мијалник, па пациентите на кои треба да им се третираат рацете, таму и ги измиваат.

Фото: Б. Грданоски

Министерството за здравство денеска информира дека уште четворица пациенти кои беа повредени во пожарот во Кочани се враќаат од странство и ќе бидат задржани под опсервација на Клиниката за пластична хирургија и Клиниката за хируршки болести „Св.Наум Охридски“.

Поконкретно, еден од пациентите пристигнал во тек на вчерашниот ден од Софија, двајца пациенти се враќаат денес од Белград, а четвртиот пациент треба да пристигне утре од Софија, со што во странските медицински центри ќе останат на лекување уште 11 пациенти од повредените во пожарот во Кочани. Пациентите кои се лекуваат во странство се во стабилна состојба.

Специјалисти од Клиниката за пластична хирургија повеќепати во неделата редовно одат во ОБ Кочани и вршат преглед, преврски и тријажа на повредените пациенти, а воедно и специјалисти по физикална медицина и специјалисти од психијатрија се вклучени во третманот на лицата со изгореници, тврдат здравствените власти.

Според директорката на Пластична хирургија, сега веќе одат еднаш неделно. За пациентите кои се лекуваат кај нив, таа додаде дека тимови од физиотерапевти редовно доаѓаат на клиниката за третмани. Се работи за тројца пациенти.

Големата помош од „Сапорт Кочани“ 

Во вчерашното интервју на Радио Слободна Европа, Марко Димитриев од иницијативата „Сапорт Кочани“ вели дека повредените во моментот имат најголема потреба од помош.

„Тие слики што ги објавивме ние не се тие што се најсериозно повредени, туку се средно повредени и се во процес на рехабилитација. Сега моментално во Кочани има над 50 деца што имаат потреба од заздравување и закрепнување. Ние зборувавме со луѓе од Холандија, Германија и Бугарија за изработка на компресивна облека, тоа се ракавици, за нозе, стегачи, за гради и за лице, и за врат. Тие се некои помагала за што им требаат моментално за побрзо да оздрават.

Од Кочанската болница дојдоа кај нас и имавме еден разговор каде што заедно пробавме да најдеме начин да им помогнеме на тие деца. Сѐ што правиме ние моментално, правиме за доброто на тие деца и да видиме како можеме да им помогнеме кога веќе гледаме дека на некој начин се запоставени“, вели Димитриев.

Едно одело чини четири до 5.000 евра, а тоа се менува со сосема ново за месец до два. Што значи уште толку пари ќе бидат потребни за кусо време, а колку време ќе треба да ги носат тие одела, засега никој не знае да каже, а се разбира и дека случаите се индивидуални. На секој од пациентите не им е потребно целосно одело, но и само ракавиците чинат по повеќе од 1.000 евра.

Нивното навлекување бара помош, а беше демонстрирано од едно видео споделено по социјалните мрежи, a првенствено објевено од „Сапорт Кочани“.

 

Државата преку Црвениот крст додели пари на семејствата

Црвениот крст до почетокот на април изврши две исплати на пари на семејствата на сите починати и повредени лица кои се лекуваат во странство и во земјава. Во двата трансфера вкупно се исплатени 60,85 милиони денари од донираните пари.

Но, нема точен износ на досега донираните пари за семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани.

За нив се собираат пари и преку платформата „Сапорт Кочани“, но како што потенцира Димитриев во интервјуто, дел од семејствата на настраданите на почетокот се обиделе да продаваат имоти, затоа што им биле потребни многу пари, што било еден поттик за да формираат платформата.

Фото: Б. Грданоски

Според страницата на Црвениот крст, преку оваа хуманитарна организација се собрани 1,96 милиони евра, но донации директно до семејствата се реализираат преку интернет платформа создадена за таа целкако и посебни фондации формирани за таа цел. Се организираат и културни, спортски и други настани со цел да се обезбедат пари за семејствата. Притоа донираат граѓани, фирми невладини организации и здруженија.

Опозициската СДСМ предложи закон за помош на семејствата на жртвите од Кочани и за лекување на повредените, но тој можеше да важи и за претходните трагедии. Сепак, колку и човечно да беше смислен, овој закон не стигна во Собрание.

– Законот предвидуваше 80.000 евра надомест за секое семејство на починат во трагедијата – еднократен паричен надомест за душевна болка и нематеријална штета.

– Се предвидуваше и финансиска поддршка за повредените според степен на инвалидитет– од 1.200.000 до 5.000.000 денари, во зависност од утврдениот степен.

– Покривање на трошоци за лекување – дома и во странство – хируршки интервенции, психолошка рехабилитација, лекови, помагала, сместување и транспорт

– Образовна поддршка за ученици и студенти– онлајн настава, ослободување од приемни и матурски испити, стипендии до крај на студии

– Платено отсуство за родители на повредени деца – најмалку 6 месеци платено отсуство и можност за продолжување по лекарска препорака

– Скратено работно време за родители до една година – со покривање на придонеси за родителите кои работат во приватниот сектор

– Домашна нега и поддршка од социјални работници– за лица со инвалидитет стекнат од несреќата

– Можност за адаптација на домот и набавка на возило– за лица со траен инвалидитет

– Воспоставување на независна Комисија за проценка и следење– со стручњаци, претставници на институции и членови од семејствата на жртвите

Законот требаше да биде применлив и за претходни трагедии со македонски граѓани– Ласкарци (2019), Тетово (2021), „Струма“ во Бугарија (2021).

Фото: Б. Грданоски

Но, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат дека законот е гол популизам, „политичко глодарство“ и ништо повеќе од тоа, барем според пратеникот Бране Петрушевски.

 „Предлогот закон е делумно неприменлив, влегува во колизија со сопствените одредби и се преклопува со постоечки законски права“, рече пратеникот Петрушевски.

Дополнително, вели тој, законот експлицитно ги фаворизира настраданите од одредени настани, игнорирајќи други слични трагедии.

Владата преку СОЗР обезбеди 30 милиони денари за лекување, транспорт, а потоа со одлука на  се доделија еднократни парични средства за семејствата на починатите.

Во трагедијата во дискотеката во Кочани на 16 март, загинаа 62 лица, повредени се над 200. Истрагата сè уште е во тек, според најавите ќе трае до половината на јуни. Осомничени се над 60 лица.