Започнува првата фаза од отворањето на грчкиот туризам


Од денеска започнува првата фаза од отворањето на грчкиот туризам, но само за посетители од одредени земји и само кон атинскиот и солунскиот аеродром, додека пак во втората фаза, на 1 јули ќе бидат укинати сите забрани и рестрикции и ќе бидат отворени сите аеродроми во Грција, како и дел од копнените граници со Северна Македонија и Албанија, јави дописничката на МИА од Атина.

Паралелно, освен делумното отворање на туризмот, денеска во Грција има и дополнително укинување на рестриктивните мерки и забраните за работа, па така одново почнуваат со работа сезонските туристички објекти, музеите, фитнес центри и спа центрите.

Освен земјите што се на листата на Европската организација за безбедно воздухопловство, од денеска, дозволени се и летови од/кон Италија, Шпанија и Холандија, а забраната продолжува да важи за Северна Македонија, Албанија, Турција и Велика Британија.

За периодот меѓу двете фази, односно до 1 јули, за туристите кои ќе пристигнат во Грција од аеродромите што не се на листата на Европската организација за безбедно воздухопловство, предвидени се тестирања по случаен избор, додека пак за патници од Италија, Холандија и Шпанија, тестот е задолжителен.

Работата на атинскиот аеродром, воопшто не беше прекината поради Ковид-19, но сите патници беа тестирани и префрлани во државен карантин.

А аеродромот во Солун, денеска повторно е отворен по тримесечна пауза.

Во текот на денешниот ден, планирано е во Атина да пристигнат патници од Кипар, Холандија, Франција, Катар, Италија, Австрија, Швајцарија, Германија, Унгарија, Србија, Бугарија, додека пак во Солун од Германија и Кипар.

На аеродромите и во авионите задолжена е употребата на маска, како за туристите, така и за персоналот.

Од 1 јули, ќе бидат отворени аеродромите во цела Грција, ќе се отворат седум гранични премини, а од бродовите што доаѓаат на крстарење, дозволен ќе биде влез на туристи од шест грчки пристаништа.

Тогаш сите туристи, ќе треба да имаат пополнет формулар (Passenger Load factor) со податоци за нивните контакти во Грција, ќе се спроведуваат тестови по случаен избор, а евентуалните позитивни случаи ќе бидат 14 дена во карантин и сместени во хотел-карантин.

Македонските туристи од 1 јули ќе можат да патуваат во Грција, но само преку преминот Евзони (Богородица)

Во следните две седмици, заклучно со 30 јуни, ќе бидат дозволени летови и од Северна Македонија и Албанија, но само за конкретни цели, а не и за туристи и само кон атинскиот аеродром.

На аеродромот во Солун не се дозволени летови ниту од нашата земја, ниту од Албанија.

Доколку се биде во ред, копнените граници со Северна Македонија и Албанија, Грција ќе ги отвори на 1 јули, а не денеска, како што првично беше најавено, додека пак ќе функционираат само неколку гранични премини, од кои само Евзони (Богородица) кон нашата земја.

Во периодот до 30 јуни 2020 година, по копнен пат дозволени се само апсолутно неопходните службени патувања, а отворена е границата со Бугарија.

Од грчкиот остров Санторини симболично најавен почетокот на туристичката сезона во Грција

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, како што веќе објави МИА, преку прес конференцијата наменета исклучиво за странските дописници во Грција, во саботата вечерта од островот Санторини, симболично го означи стартот на туристичката сезона.

Акцентот го стави на тоа дека Грција е безбедна дестинација, а приоритет е  гарантирањето на безбедноста и здравјето на сите туристи.

-Не ме интересира Грција да биде број еден дестинација во Европа, ме интересира Грција да биде најбезбедна дестинација во Европа, порача грчкиот премиер.

Кирјакос Мицотакис од Санторини, објасни дека земјата е подготвена за сите сценарија, во случај да се појави Ковид-19 кај некој од посетителите, но потенцираше дека нема да биде потребно во Грција да се воведе целосна карантина и целосна забрана за движење и повтори дека од 1 јули земјата ќе биде отворен за сите посетители, без додатни рестрикции и само со тестови по случаен избор.

За „рестартот“ на грчкиот туризам, говореше и надлежниот министер, исто така од Санторини.

Министерот за туризам на Грција, Харис Теохарис на прес конференцијата рече дека „на милиони туристи им го враќаат правото за грчко лето“ и ја истакна важноста на заштитата на здравјето на туристите и вработените во туризмот.

-Како министер за туризам, а главно како грчки граѓанин, е голема чест за мене и сум длабоко трогнат што сум дел од овој национален напор. Но, чувствувам и уште поголема одговорност за она што го започнуваме денес. Навистина, ова е историски момент. Од Санторини повторно го отвораме грчкиот туризам, со апсолутна безбедност за туристите, вработените, бизнисмените, за секое лице инволвирано во туристичкиот сектор, рече Теохарис на вчерашната прес конференција.

Освен дозволата за летови од и кон Солун и Атина, денеска се отвораат и сезонските туристички објекти, за кои ќе важат конкретни здравствени протоколи за работа, исто како и за хотелите што отворија на почетокот на месецов.