Започна судењето за тројното убиство во Дебар


По речиси едногодишна истрага, во основниот суд Гостивар, започна судењето на Б.П., 28-годишната дебранка обвинета за убиство на Амит Поцеста (54), неговата сопруга Назмије (53) и нивната ќерка Анила (14). Покрај Б.П. на обвинителната клупа се и и Ф.Г.(31) од Гостивар и В.К. (61) од Дебар за помагање во убиството.

На почетокот на судскиот процес во гостиварскиот суд беа донесени и Ф.Г од Гостивар и В.К., кои се обвинети дека и помогнале во извршување на злосторството.

На првото рочиште беа презентирани обвинението од ОЈО и одбраната на тројцата обвинети при што беа изнесени и некои детаљи за начинот и подготовката на убиството кое лани ја потресе дебарската и македонската јавност.

Од одбраната на обвинетата Б.П. забележаа дека меѓу доказите ја нема таканаречена парафинска ракавица, односно врз обвинетата не е изработен парафинскиот тест за докажување на присуство на барутни честички и оти таа не е сторител.

Во одбраната на двајцата обвинети беше кажано дека тие биле манипулирани од страна на обвинетата и оти не биле свесни во каква игра се вмешани. За едниот беше побарано до судот да не одговара за помагање во убиство, туку за недозволено тргување со оружје.

Безживотните тела на двајцата сопружници и нивната ќерка беа најдени лани на 27 август во семејната куќа во Дебар. По речиси осум месеци од убиството и истражната постапка, Обвинителството обезбеди докази дека првообвинетата Б.П. го сторила кривично дело: убиство од член 123 став 3 од Кривичниот законик, додека другите двајца се обвинети за помагање при извршување на истото кривично дело, беше наведено во обвинението од Јавното обвинителство.

Според обвинението, на 26 август минатата година, во семејната куќа во Дебар, обвинетата пукајќи од непосредна близина со пиштол, најпрвин ги лишила од живот мајката и таткото, а потоа и малолетната сестра. Другите двајца обвинети со умисла и помогнале во извршувањето и прикривањето на кривичното дело.

Во тек на истрагата се потврдило дека само еден ден пред да биде извршено трикратното убиство, обвинетата телефонски контактирала со второобвинетиот. Потоа, во Гостивар остварила средба со него, а тој изнајмил возило и заедно се упатиле кон Дебар, со намера да набават оружје. Некаде во близина на градската болница во Дебар тие се сретнале со сега третообвинетиот кој им обезбедил пиштол и рамка со пет куршуми.

Обвинетата, откако ги лишила од живот членовите на сопственото семејство, заминала за Струга каде се сретнала со второобвинетиот. Нему му ги предала клучевите од изнајменото возило, а таа со такси заминала на Скопскиот аеродром од каде заминала за Италија.

Настанот внесе немир во Дебар, со оглед дека полицијата долго време по злосторството што се случи во куќа, лоцирана на улицата „Први мај“, сопственост на времено иселеното семејство, за обвинетата Б.П. го бараше мотивот. Подоцна се потврди и сомнежот дека извршител е близок член на семеството.