Започна судењето по тужба на Ванеса Брајант поради фотографии од хеликоптерската несреќа


 

САД– Порота составена од шест женски и четири машки лица е избрана за тужбата на Ванеса Брајант против округот Лос Анџелес во врска со страшните фотографии направени од хеликоптерската несреќа, каде загинаа нејзиниот сопруг Коби, ќерката Џиана и седум други луѓе, јави Си-ен-ен.

Воведните изјави на судењето започнаа вчера попладне. Се очекува судењето да трае околу две недели.

Избраната порота вклучува калуѓерка, лице што работи во ТВ продукција за NBC Universal, студент, инвеститор во недвижнини, фармацевтски истражувач, професор по компјутерски науки, шеф на ресторан.

Судењето започнува по над две години откако легендата на НБА, Коби Брајант со својата 13-годишна ќерка, како и седум други лица загинаа во хеликоптерска несреќа во Калифорнија.

Во тужбата, Ванеса Брајант тврди дека фотографии од несреќата во јануари 2020 година, биле споделени од вработени во противпожарниот и одделот на шерифот во поставки неважни за истрагата, вклучувајќи и во бар.