Започна со снимање шестата сезона на ТВ серијата „Преспав“


Шестата сезона од популарната серија ќе има нови 20 епизоди реализирани во копродукција на ОХО и МРТВ, од каде најавуваат бројни изненадувања и многу хумор.

Последната епизода од петтата сезона заврши со пожар во пансионот, по што фановите беа разочарани мислејќи дека тоа е „крај на Преспав“. Но од продукцијата велат дека серијалот е во зенитот, а авторскиот тим е подготвен повторно да ја насмее публиката, инспириран од турбулентната општествена реалност што се пресликува во случките во пансионот.

„Минатата година, во лавиринтите на пандемијата, совладувајќи голем предизвик, успешно ја снимивме петтата сезона, што ни даде особена мотивација да продолжиме понатаму. Со тој ветер во грбот, оваа сезона ќе ја реализираме по најдобри сценарија досега, потпирајќи се на интернационалниот сценаристички тим, како и на секој поединец вклучен во продукцијата на Преспав, вели продуцентот, Пеце Талески.

Преспав како ТВ продукт се развива во комуникациска платформа и достоен продукциски бренд за претставување на земјата во регионот. Откако обезбеди емитување на бугарската телевизија БТВ, каде бележи огромен успех и гледаност, епизоди од серијата беа прикажани и во Србија во рамки на неколку фестивали за ТВ продукција, што го отвора патот за емитување и на српските телевизиски канали.

ТВ премиерата се очекува кон средината на декември.

Во главните улоги се: Јелена Јованова, Тијана Дапчевиќ, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Игор Џамбазов, Васил Зафирчев, Горан Стојановски, Адриан Азири и Дритон Вејсели .

Идејата и концептот на „Преспав“ се на продуцентот на серијата Пеце Талески, а режијата е на Игор Иванов Изи, Вардан Тозија и Дина Дума. Сценаријата ги пишуваат: Елеонора Венинова, Сашо Кокаланов, Алек Попов и Делјана Манева од Бугарија и Александра Миланова.