Започна рехабилитација на транзитот низ Штип


Транзитот низ Штип се рехабилитира со средства обезбедни преку Јавното претпријатие за одржување на регионалните и магистрални патишта, во соработка со Министерството за транспорт и врски, во висина од 20 милиони денари.

-Започнуваме со гребење на оштетениот асфалт и поставување на комплетно нов слој асфалт, инвестиција во висина од над 20 милиони денари преку централната власт, со што обезбедуваме побезбедно патување на нашите граѓани. Во изминатиот период реоконстуриравме транзити и низ други градови во земјата Виница, Делчево, Охрид, Крушево, а наскоро започнува и реконструкцијата на транзитот низ Тетово. Сакам да ги уверам сите граѓани дека сме максимално посветени во исполнувањето на нашата цел, а тоа е безбедна и модерна патна инфраструктура низ целата земја, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој денеска заедно со директорот на ЈП за одржување на регионални и магистрални патишта, Костадин Ацевски, извршија увид во рехабилитација на транзитот низ Штип.

Тој, исто така, информираше дека од денеска стартува и поставувањето на нова ограда долж реката Отиња во градското подрачје на Штип, со што напомена дека тоа е уште еден доказ дека централната власт, Министерството за транспорт и врски, се грижат за подобрувањето на локалниот развој, за безбедноста и за подобрувањето на животот на граѓаните.

Директорот Ацевски истакна дека Јавното претпријатие за одржувањето на регионалните и магистрални патишта активно работи на отстранување на сите проблеми на патиштата, реконструкција и рехабилитација таму каде што е потребно, се со цел граѓаните да патуваат безбедно и по модерни патни правци.