Започна комисиската расправа во грчкиот Парламент за новите гранични премини кон Северна Македонија


Со обраќања на известувачите од СИРИЗА и Нова демократија, Јоргос Ѕиманис и Јоргос Кумуцакос започна седницата на Комисијата за национална безбедност и надворешни прашања во грчкиот Парламент на која се разгледуваат нацрт законите доставени од Министерството за надворешни работи на Грција за отворање на новите гранични премини кај Мајден и Маркова нога, како и за подигнувањето на Канцеларијата за врски во Скопје на ниво на амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат, јави дописничката на МИА од Атина.

Едниот предлог закон е под наслов „Ратификација на Договорот меѓу Република Грција и Република Северна Македонија во врска со воспоставување нов граничен премин меѓу двете земји, што ќе ги поврзува Промахи во Република Грција со Мајден во Република Северна Македонија“, а вториот под наслов „Ратификација на Договорот меѓу Република Грција и Република Северна Македонија во врска со воспоставување нов граничен премин во регионот на Преспанското езеро и други одредби“.

Пратеникот од СИРИЗА и известувач за двата нацрт закони, Јоргос Ѕиманис детално говореше за двата нацрт закони за членовите што ги содржат и што точно предвидуваат. Рече дека двете спогодби потпишани во Скопје се темелат на Договорот од Преспа, а нивната цел е развој на пријателски односи меѓу жителите на двете земји, поголема комуникација и развој на одржлив туризам.

Ѕиманис во неговиот говор истакна дека „за жал  вториот дел од Договорот од Преспа не се расправаше доволно”, односно делот за соработка меѓу двете земји.

Откако нацрт законите ќе добијат зелено светло од надлежната Комисија за национална одбрана и надворешни работи во грчкиот Парламент, потоа ќе бидат доставени за ратификација на пленарна седница во Парламентот.

Нацрт законите доставени во грчкиот Парламент, кои во посебни членови ги вклучуваат потпишаните договори во Скопје, едниот на 8 март 2019, другиот на 2 април 2019, се потпишани од министрите за: надворешни работи Јоргос Катругалос, цивилна заштита Олга Геровасили, финансии Евклидис Цакалотос, транспорт и врски Христос Спирѕис и алтернативната министерка за надворешни работи Сиа Анагншстопулу.

Согласно потпишаните договори, за изградбата и отворањето на граничниот премин кај Мајден ќе се користат фондови од Европската унија, а во договорот за граничниот премин кај Преспа, вклучени се и членови за подигање на нивото на Канцеларијата за врски во Скопје во амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат.

Според двата потпишани договора во Скопје, предвидено е да се формира заедничка Комисија на експерти од двете земји со најмногу девет претставници од секоја страна кои ќе бидат надлежни за техничките и правните теми, за функционирањето на граничните премини и за други прашања од заеднички интерес поврзани со спроведувањето на договорите.

Во рок од 30 дена од стапувањето на сила на договорот, двете страни по дипломатски пат ќе ги разменат листите со членовите на Комисијата, која за прв пат ќе се состане во рок од три месеци по стапувањето на сила на договорот, а ќе одржува состаноци на секои две години.

Ваква комисија е предвидена и за граничниот премин кај Мајден и за граничниот премин кај Маркова нога.

Нацрт законот „Ратификација на Договорот меѓу Република Грција и Република Северна Македонија во врска со воспоставување нов граничен премин меѓу двете земји, што ќе ги поврзува Промахи во Република Грција со Мајден во Република Северна Македонија“¨, содржи три члена, а нацрт законот „Ратификација на Договорот меѓу Република Грција и Република Северна Македонија во врска со воспоставување нов граничен премин во регионот на Преспанското езеро и други одредби“, има седум члена.