Започна извлекувањето на запалениот брод со автомобили на холандскиот брег


Товарниот брод со илјадници автомобили на холандскиот брег и натаму гори, а неговото извлекување за да се спречи еколошка катастрофа започна во текот на вчерашниот ден, но беше откажано поради ветерот, соопштија властите, додавајќи дека пожарот на бродот е со намален интензитет.

Извлекувањето започна во попладневните часови, речиси пет дена по избувнувањето на пожарот, соопшти холандскиот Национален институт за управување со водите.

Во соопштението се наведува дека имало „значително помалку чад“ на товарниот брод под панамско знаме.

Според транспортната компанија K Line, која го ангажирала, бродот превезувал 3.783 нови автомобили, вклучувајќи 498 електрични возила.

Товарниот брод треба да се премести на нова привремена локација, 16 километри северно од островите Шиермониког и Амеланд, неколку десетици километри источно од неговата последна официјална позиција, 18 километри северно од Тершелинг.

Овие холандски острови се протегаат помеѓу Ваденското Море, светско наследство на УНЕСКО со разновидност од повеќе од 10.000 водни и копнени видови, и Северното Море.

„Во близина се наоѓа интервентен брод за нафта“, велат властите, кои се надеваат дека ќе го извлечат товарниот брод во пристаништето за да избегнат еколошка катастрофа.

Поради југозападниот ветер беше одложено влечењето кое беше закажано за сабота.

Времетраењето на влечењето зависи „од временските услови, развојот на чад, струјата и плимата“. Операцијата претходно се проценуваше на околу 14 часа.

Товарниот брод тежок 18.500 тони го напушти германското пристаниште Бремерхавен и се упати кон Порт Саид во Египет пред да се врати во Сингапур, неговата крајна дестинација.

Причината за пожарот што избувна во средата вечерта не е позната, но се верува дека причина би можело да биде еден од електричните автомобили.

Еден од 23-те членови на екипажот кои беа евакуирани почина, а неколкумина беа повредени.

Противпожарните операции беа прекинати во четвртокот за да се спречи дестабилизирање на бродот поради количината на вода што навлегла.